ВМРО-НП: Да престане притисокот врз наставниот кадар

ВМРО – Народна партија реагира на однесувањето на Државниот просветен инспекторат и Министерството за образование и наука, кои изминатите неколку седмици секојдневно е во посета на училиштата во Охрид и наоѓа забелешки во процесните планирања на наставниот кадар, кои наводно не испланирале техники во програмата за работа за учебната 2013/2014 година. 

„Сакаме да го потсетиме Државниот просветен инспекторат, како и Министерството за образование и наука дека тематско – процесните планирања се прават во август и септември и се составен дел од секоја програма за работа на секое училиште за тековната учебна година. Тие програми поминуваат низ еден филтер кој го предвидел законодавецот односно Владата, под чија капа е и самиот инспекторат. Програмите се усвојуваат на училишен одбор, па од тука одат на усвојување во советот на општината. По усвојувањето, програмите се доставуваат до Бирото за развој на образованието и од тука се препраќаат до Министерството за образование и наука. Доколку инспекторатот имал некакви забелешки, требало да реагира во фазата на усвојување, а не на ваков начин како што прави во изминативе седмици и месеци.

Начинот на кој што се практикуваат овие забелешки на испекторатот и надлежното министерство не е ништо друго освен назадување на процесот на образование и оттргнување на основната смисла на образовниот процес односно пренесување на знаењата од наставниците на учениците. Ова претставува класичен пример за мобинг и заплашување на наставниот кадар во кој што сме сигурни дека професионално и со големи знаења си ја врши работата. Наставниците секојдневно се под притисок кој ќе им влезе на час додека предаваат и каква казна ќе добијат. Вакви одлики на однесување и притисок врз наставниците се белег на друг недемократски систем.

Во овој случај, исто така повторно сакаме да го повикаме СОНК и да го потсетиме дека негова основна задача е да ги брани интересите на просветните работници, а не да биде продолжена рака на власта. Синдикатот конечно да застане на страната на наставниците и заедно да се изборат за нивните права. Во последно, за жал се носат срамни закони и тоа со поддршка на СОНК.“ – стои во соопштението од ВМРО – Народна партија.