Со оглед на бројните информации и шпекулации за наводни незаконитости во постапката за избор директор на училиштето, Училишниот одбор на ОСУ „Св.Климент Охридски“ – Охрид го доставува оваа соопштение до медиумската јавност со цел да биде целосно запознаена со активностите во постапката за избор на директор на училиштето и да оцени дали и кој направил повреди во постапката.
„Во врска со Решението на Државниот инспектор за труд со кое се наредува поништување на постапката за избор на директор на училиштето и Известувањето на Градоначалникот на Охрид со кое Градоначланикот не известил дека не извршил избор на директор на училиштето, Училишниот одбор на ОСУ „Св.Климент Охридски“ – Охрид на седницата одржана на ден 05.12 2013 год. донесе одлука за поништување на огласот за избор на директор на училиштето бр.03-585/1 од 22.10 2013 год. објавен на 25.10 2013 год.
Притоа Училишниот одбор ги донесе следните заклучоци како прилог на одлуката за поништување на огласот за избор на директор на училиштето:
1) Градончалникот на Охрид не постапил согласно член 92-а став 1 од Законот за средно образование и член 92 од Статутот на Училиштето, согласно кој Градоначалникот, три месеци пред истекот на мандатот на постојниот директор донесува одлука училишниот одбор да распише јавен оглас за избор на директор. Мандатот на постојниот в.д. директор истекува на 14.12 2013 год. и Одлуката на Градоначалникот требало да биде донесена најдоцна до 14.09 2013 год. Истата е донесена на 21.10 2013 год. еден месец и 7 дена по истекот на законскиот рок.
2) На 17 и 18.10 2013 год. од страна на стручните служби при Локалната самопурава Охрид, до Училишниот одбор се испратени две е-маил пораки во кои се бара да се објави оглас за директор на училиштето со напомена дека решението од градоначалникот ќе може да се подигне на 21.10 2013 год.
3) Градоначалникот на Охрид не постапил согласно член 92-а став 12 и 13 од Законот за средно образование и член 95 став 4 и член 96 став 1 од Статутот на Училиштето, согласно кои Градоначалникот, во рок од 15 дена од денот на добивањето на предлогот, врши избор на директор. Доколку Градоначалникот во утврдениот рок не избере Директор, должен е во рок од три дена да го извести училишниот одбор со писмено образложение за причините. Одлуката со предлог за избор на директор на училиштето до Градоначалникот е доставена на 08.11 2013 год., а известувањето од Градоначалникот до Училишниот одбор е доставено на 28.11 2013 год. дваесет дена по приемот на предлогот од Училишниот одбор со што е повреден рокот од 15+3 дена пропишани со Законот за средно образование и Статутот на Училиштето.
4) Не постои обврска ниту во Законот за средно образование, ниту во Статутот на Училиштето, ниту во условите од објавениот оглас, кандидатите да доставуваат програма за работа до Градоначалникот. Согласно член 92-а став 4 од Законот за средно образование и член 94 став 1 од Статутот на Училиштето, пријавените кандидати ги доставуваат потребните документи согласно со огласот до училишниот одбор. Согласно член 92-а став 10 од Законот за средно образование и член 95 став 2 од Статутот на Училиштето, училишниот одбор на до Градоначалникот предлага еден кандидат за избор на директор.
5) Во Решението државниот инспектор за труд навел: „Училишниот одбор распишал оглас за избор на ден 21.10 2013 во момент кога немал право тоа да го стори, односно не биле исполнети претпоставките за да го стори тоа дејствие. Имено законска претпоставка за распишување на оглас за директор е донесување Одлука од страна на Градоначалникот за распишување оглас за директор. Оваа претпоставка во моментот на распишување на огласот не постоела.“ Ова е целосно неточно. Претпоставката (решението на градоначалникот) во моментот на распишување на огласот постоела. Одлуката на УО за распишување оглас е донесена на 21.10 2013 год., а огласот е објавен на 25.10 2013 год. И во едниот и во другиот момент решението на Градоначалникот донесено на 21.10 2013 постоело.
6) Огласот не е објавен на 21.10 2013 год. туку е објавен на 25.11 2013 год. четири дена по донесувањето на решението на Градоначалникот.
7) Во Решението државниот инспектор за труд навел: „Ваквата состојба укажува на фактот дека најбрз рок за распишување на огласот е 24.10 2013.“ Во решението на градоначалникот изрично пишува дека тоа стапува на сила со денот на донесувањето, а тоа е 21.10 2013 год. На кој начин и со кое право државниот инспектор за труд го одложил стапувањето во сила на решението на Градоначалникот до 24.10 2013 год?
8) Деловникот за работа е интерен документ на училиштето. Не може Градоначалник во своја одлука да се повикува на интерен акт на друга институција. Државниот инспектор за труд не е овластен да врши инспекциски надзор над примената и да констатира повреда на деловникот за работа на училишниот одбор, која би била основа за поништување на огласот за избор на директор. Државниот инспектор за труд не навел во диспозитивот на решението кој тоа член и од кој правен акт е повреден, па би претставувал основа за за поништување на огласот за избор на директор, туку само констатирал „наводни незаконитости“.
И покрај сето наведено претходно, а со цел да не се одолжува постапката за избор на директор на училиштето со жалби или тужби, од што најмногу штета би имале институцијата, наставниот кадар, а пред се учениците и родителите, Училишниот одбор одлучи да постапи по решението од државниот иснспектор за труд и да го поништи објавениот оглас за избор на директор бр.03-585/1 од 22.10 2013 год. објавен на 25.10 2013 год. и врз основа на Решението на Градоначалникот бр.08-6227/1 од 21.10 2013 год. да распише нов оглас за избор на директор на ОСУ „Св.Климент Охридски“ – Охрид.“ – стои во соопштението од Училишниот одбор на ОСУ „Св.Климент Охридски“.