Според метеоролошката прогноза за снежни врнежи во текот на ноќта, дежурните служби од Ј.П. „Охридски Комуналец“ кои беа во приправност излегоа на терен во ноќните часови од 3:30 часот. Со специјалните возила посипани беа 7 м³ абразивни средства по главните сообраќајници во градот. Екипите на „Јавна хигиена“ излегоа на терен од 5:00 часот и рачно го исчистија снегот од градската чаршија, тротоарите и патеките во стариот дел од градот. Посебен акцент се стави на локациите каде според свечената програма ќе се празнува Заштитникот на градот Охрид – Св.Климент Охридски (градскиот плоштад, просторот околу О.У. „Св.Климент Охридски“ и патеката до Плаошник).