Владина делегација предводена од вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски од денеска престојува во посета на Италија каде ќе ги презентираат можностите за инвестирање во Македонија. Планирано е да се одржат бизнис форуми во Торино, Милано и Верона.
Денеска поволностите што им се нудат на странските инвеститори беа презентирани пред претставници на повеќе од 30 автомобилски компании од регионот Пиемонте, кој е познат како еден од петте европски региони во кои се концентрирани компании од автомобилската индустрија.
Интерес за инвестирање, како што информираат од Кабинетот на вицепремиерот Пешевски, пројавиле две компании кои произведуваат компоненти за автомобилската индустрија. Договорено е кон почетокот на идната година нивни претставници да ја посетат Македонија.
Форумот беше организиран со поддршка на Асоцијацијата на производители од автомобилската индустрија на Италија – ANFIA, Стопанската комора на Торино, како и Американската стопанска комора во Италија. На него се обратија и претседателот на Стопанската комора на Торино, Александро Барбери и директорот на Асоцијацијата на производители од автомобилската индустрија на Италија, Џанмарко Џорда.
Во составот на македонската делегација, која престојува во Италија, се и министерот за странски инвестиции Бил Павлески, директорот на Дирекцијата за технолошк-индустриски развојни зони Виктор Мизо, македонскиот амбасадор во Италија, Велибор Топалоски, како и економскиот промотор во Италија, Иван Илиев.