Наредните 2 дена во Тирана ќе се одржи 9-тиот работен состанок на Дрим Кор Групата

На 10 и 11 Декември 2013 во Тирана, Албанија ќе се одржи 9-тиот работен состанок на Дрим Кор Групата на кој ќе треба да се разгледаат досегашните активности, но и да се донесат одлуки за наредниот период на имплементација. На состанокот се очекува да се презентира и одобри Финалната стратешка рамка на големиот ГЕФ проект за заедничко управување со Дримскиот Басен кој беше одобрен од Советот на Глобалниот Еколошки Фонд. Исто така треба да се презентираат извештаите за актуелните проекти за биодиверзитет и за Биосферен резерват кои се одвиваат во рамките на Дримскиот Басен.

„Со оглед на фактот дека имплементационата фаза на новиот ГЕФ проект треба да започне во првиот квартал на 2014 година сега се поставуваат плановите за активности по компоненти и се дефинираат буџетските рамки. На овој состанок на Дрим Кор групата ќе се избере и бренд име на процесот за негова визуелна идентификација која ќе помогне во вклучување на целата јавност во процесот на управување. Ова е момент на силна политичка и меѓународна поддршка и мора да се искористи за да почне да се решаваат клучните прашања во дримскиот басен и заштитата на езерата во него“. – истакна Дејан Пановски,член на Дрим Кор Групата.

Истовремено во Тирана ќе се одржи и Конференција на сите засегнати страни од Дримскиот Басен на која ќе се презентира имплементацијата на Меморандумот за разбирање, координацијата на националните и меѓународните фактори во процесот и размената на информации меѓу сите пет земји од Басенот. На Конференцијата ќе учествуваат високи политички преставници на надлежните Министерства, на Локалните самоуправи од Басенот, експерти, претставници на науката и на невладиниот сектор и водечките претставници на меѓународните организации кои се поддршка на Дримскиот процес.