Можностите и капацитетите на општина Охрид околу нејзин економски развој и реализација на потенцијални словенечки инвестиции во охридското стопанство и туризам, беа основните теми на разговор на работниот состанок меѓу градоначалникот Никола Бакрачески и амбасадорот на Р. Словенија во Македонија Бранко Раковец . Пред словенечката делегација денес беше промовирана и бизнис брошурата на Охрид изработена од вработени во Локалната што е и нејзина прва официјална промоција.
„Денес на работниот состанок пред словенечката делегација, реализиравме видео презентација на бизнис климата во Охрид која што би била интересна за инвеститори од Словенија но и за привлекување туристи од таа земја. Разговаравме на кој начин заеднички да настапуваме во тие области. Ги презентиравме нашите можности и капацитети во делот на индустријата , во делот на можностите за развој на здравствен туризам, во делот на можностите за преработка на храна. Денес со словенечките гости се договоривме наредниов период во Љубљана- Словенија да имаме работна средба со претставници од тамошната бизнис заедницата и со членовите од словенечката стопанска комора. Се надевам дека од денешниот заеднички работен состанок во иднина ќе произлезат и конкретни проекти“, изјави по средбата градоначалникот Бакрачески.
Амбасадорот на Република Словенија во Македонија, Бранко Раковец потенцира дека на работната средба со градоначалникот Бакрачески се разговарало околу можностите за продлабочување на економската соработка меѓу Македонија и Словенија а со тоа и заживување на охридското стопанство, како и зголемување на бројот на словенечки туристи во Охрид.
„Охрид има се што е привлечно за словенечките туристи. Имате езеро, планини и добра клима. Имате можности и за пешачење и за возење велосипеди, она што најмногу го сакаат Словенците. Значи ви е потребен само подобар маркетинг односно промоција на вашава земја во Словенија, истакна словенечкиот амбасадор“, Бранко Раковец.
Бројот на словенечки туристи на годишно ниво во Охрид последниве неколку години не е поголем од 13 000 луѓе кои кај нас престојуваат не повеќе од 3 дена. Затоа наредниов период Охридската локална власт ќе работи на нова стратегија за привлекување поголем број словенечки туристи.
Градоначалникот Бакрачески и амбасадорот Раковец, најавија интензивирање на заедничките работни средби за наредниов период, во насока на зацврстување на стопанската и туристичка соработка меѓу Охрид и Р. Словенија.