Партнерство меѓу теоријата и практиката во борбата против транснационалниот организиран криминал

„Како реална закана за владеењето на правото, слободниот економски развој и демократските процеси, превенцијата и борбата против транснационалниот организиран криминал е приоритет на Владата на Република Македонија, на Министерството за внатрешни работи, но и на сите институции надлежни за спроведување на законот“, истакна меѓу другото првиот човек на Бирото за јавна безбедност при МВР м-р Митко Чавков, во своето воведно обраќање на денешното отворање на дводневната меѓународна конференција – „Превенција и сузбивање на транснационалниот организиран криминал во Југоисточна Европа – Конвергенција на теорија и практика“, што се одржува во Охрид, а во рамки на Конвенцијата за полициска соработка во југоисточна Европа, во организација на македонското МВР и Центарот за безбедност, развој и владеење на правото (ДЦАФ), односно Програмата за гранична безбедност при оваа меѓународна организација.

Директорот Чавков нагласи дека знаењата и искуствата кои ќе се разменат на оваа конференција ќе дадат нов импут во зајакнувањето на меѓународната соработка како императив во разбирањето на природата на транснационалниот организиран криминал и зајакнување на националните и регионални капацитети заспречување и сузбивање.

Истовремено, Чавков посочи за потребата во иднина низ еден проектен пристап – „да развиеме партнерство  помеѓу практиката и науката, во развивањето на унифицирани методолошки рамки за проучување и анализа на различните типови на транснационален организиран криминал, од кој убеден сум дека ќе произлезат конкретни резултати и ќе бидат воспоставени широки основи и вистински фундаменти на кои треба да се надогради конкретната оперативна соработка, преку инструментите кои што ги потенцирав“.

Инаку, на конференцијата на којашто учествуваат полициски експерти и научни работници од областа на безбедноста од речиси сите земји на ЈИЕ, предвидено е во двата работни дена, денес и утре, да се дискутира на повеќе теми од сферата на безбедноста а коишто го тангираат регионот на ЈИЕ. Почнувајќи од актуелните проценки за безбедносните предизвици од аспект на транснационалниот организиран криминал, неговите трендови, проблематичните области, но и корелацијата на научните согледувања со конкретните состојби особено во контекст на примена на истите во полициската практика.