Премиерот Никола Груевски ги повика германските бизнисмени да ги истражат инвестициските можности и предности кои ги нуди Македонија.
„Несомнено странските инвестиции имаат големо значење за македонската економија поради што како Влада сме подготвени да излеземе во пресрет и да ја обезбедиме севкупната поддршка за реализација на инвестициите“, истакна премиерот Груевски во обраќањето на економскиот форум „Европа 20–20: Предизвици и реформи за стопанството и животната средина, што се одржува денеска во Скопје во организација на Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Европската бизнис асоцијација.
Пред претставници на компании од Германската стопанска комора во Македонија и Европската бизнис асоцијација Груевски ги претстави актуелните економски прилики во Македонија, осврнувајќи се на преземените реформи за подобрување на бизнис-климата, очекувањата за состојбите во економијата и за резултатите од преземените активности. Германија, истакна Груески, е важен трговски партнер на Македонија, а реализацијата на неколку покрупни гринфилд инвестиции од оваа држава дава нова димензија на македонско-германската соработка.
„Македонија успеа да се наметне како земја од која на германскиот пазар се испраќаат производи со повисока технолошка вредност. Ова ја подобрува перцепцијата кај германските бизнисмени и претставува силен аргумент Македонија да биде следната локација за нивните инвестиции“, рече Груевски, укажувајќи оти потврда за тоа се последните статистички податоци според кои Германија е најзначаен трговски партнер на Македонија со вкупна надворешна трговска размена од 1,4 милијарди евра во 2012 година. За периодот јануари – септември размената изнесува 1,2 милијарди евра што претставува раст од скоро 20 проценти споредено со истиот период лани. Извозот, како што посочи, во 2012 година изнесува 914 милиони евра и е скоро трипати поголем во однос на 2009 година.
Според Груевски, Владата постојано работи на подобрување на бизнис-климата со цел привлекување нови инвестиции и отворање работни места. Потврда за преземените реформи покрај од меѓународните финансиски институции, се конкретните инвестиции во државата како од германски, така и од останати компании од други држави. Особено е значајно, според македонскиот премиер, што некои од нив веќе реинвестираат, односно донеле одлука за втори инвестиции во Македонија.
Пред учесниците на економскиот форум Груевски потсети на поволностите за странските и домашните инвеститори во слободните економски зони, истакнувајќи дека за реализација на нивните инвестиции имаат постојана поддршка од македонската Влада која презема активности за стабилна макроекономска состојба.