Електронскиот медиум WebOhrid со пригоден коктел синоќа во хотелот Тино го одбележа својот прв роденден. На свеченоста присуствуваа советници, директори на јавни претпријатија и претставници од невладини организации како и политички партии од Охрид. Во име на екипата на веб порталот WebOhrid, пред присутните се обрати главниот и одговорен уредник Лорита Ивческа Бујароска.
„Вистината е една и непобитна, а патиштата до неа различни: некои куси, а некои подолги и неизвесни. Но Вистината – таа е таму на целта и чека да ја дознаеме и пренесеме токму таква каква Вистината мора да биде вистинска и да мириса на Вистина! За една таква вистина и за еден таков пат до вистината пред точно една година се здруживме ние неколкумина и, со скромни средства, но со голема желба и уште поголема верба дека вистината мора да им припадне на сите – вистинска и навремена за да биде разбрана и видена! И одлучивме: да го формираме новиот медиум со име WebOhrid и, на тој начин, да учествуваме и ние во една нова медиумска експедиција во потрага по Вистината… и само Вистината!“ – рече Ивческа Бујароска.
Пред точно една година и сосема симболично на 12.12.2012 започна со работа електронскиот медиум WebOhrid. Бројки за кои како што рече уредничката, сами по себе потсетуваат на едни големи Дванаесетмина Апостоли кои живееја за да ја проповедат Вистината… и само Вистината!
„Ние, овде во WebOhrid, неколкумина, но со иста искреност преку нашиот Прозорец на Вистината одлучивме да ја споделуваме со вас, почитувани читатели, секоја случена Вистина и, гледајќи назад низ овие изминати 365 дена можеме со гордост да кажеме дека преку нашата заедничка глетка преку WebOhrid Вие ни верувавте нам за секоја споделена вистина, а ние Ви откривавме се повеќе вистина од нашето македонско и другото светско живеење и секојдневие.“ – додаде Ивческа Бујароска.
Ивческа Бујароска до сите читатели изрази срдечна благодарност за досегашното присуство на WebOhrid.
„Почестена сум да изразам посебна благодарност на оние кои нè поддржуваа и храбреа во сите овие изминати 365 дена и уште повеќе на оние кои со свои конкретни средства и написи, совети или идеи придонесоа да опстанеме во ова сепак конкурентно медиумско време! Ние, остануваме, благодарејќи на сите Вас, на патот до Вистината која мора да биде оружје против сите шпекулации, клевети и невистини, без разлика од каде и од кого тие да доаѓаат. Од денес сме повозрасни, посилни и позрели и знаеме, умееме како до Вистината!“ – заврши Ивческа Бујароска.
WebOhrid продолжува и натаму објективно, навремено и професионално да ги информираа читателите.