Примероци од странските учебници преведени на македонски јазик од капиталниот проект на Владата на РМ може да се купат во продавниците на издавачките куќи што ги објавуваат.
Министерот Спиро Ристовски соопшти дека учебниците се во комерцијална продажба во книжарниците на издавачите кои се вклучени во проектот (како Просветно дело, Култура, Три…) и апелираше до студентите, професорите и до сите граѓани да ја искористат можноста да ги набават изданијата за кои се заинтересирани.
„Цените ќе бидат различни, но многу прифатливи. И самите издавачи имаат интерес да продадат што повеќе книги од оваа едиција“, рече Ристовски.
Медиумите (со спот на ТВ и со известувања во весниците) ќе информираат на кои продажни места може да се купи преведена стручна литература од проектот за превод на 1.000 стручни книги кои се користат на првите 10 универзитети рангирани на Шангајската листа.
Тој е во завршна фаза и досега се преведени и промовирани 845 наслови од различни области од познати автори во светот. Проектот почна да се реализира на почетокот на 2009 година. Преведените изданија се дистрибуирани на сите соодветни факултети, како и во специјализираната читалница „1000 книги“ во Градскиот трговски центар во Скопје, која дневно има околу 300 посетители.