Четири странски државјанки се затекнати со непријавен престој во кичевското село Зајас при акцијата што викендов заеднички ја реализираа полициските службеници од граничната полиција-регионалниот центар Запад и полициската станица од Кичево.
А.Т. (23), М.У.(40), Ј.Х. (25) сите од Република Албанија како и Е.Ш. (38) од Босна и Херцеговина се затекнати во мотелот „Лиридона“ во Зајас по што, согласно законот за странци им е поднесена прекршочна пријава. Нив им е изречена парична казна од 200 евра и забрана за влез во Република Македонија во времетраење од шест месеци до две години.
Странските државјанки во мотелот извесно време работеле како естрадни уметнички и имале нелегален престој со што извршиле злоупотреба на туристичкиот престој во Република Македонија за нелегална работа.
Неодамна вакви акциски контроли беа реализирани во мотелот „Јони“ во струшкото село Велешта каде беа затекнати четири албански државјанки како и во Кичево кога при контрола на угостителскиот објект „Стара централа“ со нелегален престој и нелегална работа беа затекнати две државјанки од Република Србија. По поднесената прекршочна пријава нив им е изречена парична казна и забрана за влез во Република Македонија за време од една година.