Жарко Серафимовски и Арџент Беќири, асистенти на Бошко Ѓуровски во А репрезентацијата

Жарко Серафимовски и Арџент Беќири, поранешните македонски репрезентативци со интернационално искуство ќе бидат дел од стручниот штаб на македонската А репрезентација како асистенти на селекторот Бошко Ѓуровски. Мане Манев останува тренер на голманите во нашата најдобра селекција.

Жарко Серафимовски за македонската А репрезентација одигра 34 натпревари. Тој е поранешен фудбалер на швајцарскиот Јанг Бојс, турскиот Трабзон, израелскиот прволигаш Хапоел Бер Шева и бугарскиот Локомотив Пловдив. Во нашата лигашка конкуренција играше за Вардар, Македонија ЃП и Ренова.

„Разговаравме со новиот селектор околу ситуацијата во македонскиот фудбал, го запознавме со актуелностите и се надевам дека со неговото искуство и како фудбалер и како тренер ќе направиме позитивни работи. Јасно е дека нѐ чека многу работа, но тука сме со јасно поставени цели. Радува што се враќаме во репрезентацијата, подготвени сме да го дадеме својот максимум“, изјави Серафимовски.

Арџент Беќири има 16 настапи за репрезентацијата на Македонија. Kариерата ја започна во Тетекс, во македонската лига играше и за Слога Југомагнат (три титули шампион на Македонија, три освоени Куп трофеи и најдобар голгетер), Шкендија и Ренова. Белгиски Антверпен и швајцарски Арау беа клубовите во кои Беќири се афирмираше на интернационалната фудбалска сцена.

„Среќен сум што повторно сум дел од најдобрата репрезентација, фудбалот е мојот живот, го работам тоа што го сакам и задоволство е што ми е дадена прилика да помогнам во остварување подобри резултати на националниот тим.  Со новиот тим ќе разговараме за сегашната ситуација, за тоа како го гледаме фудбалот, ќе направиме објективна анализа и се што е потребно да имаме заедништво затоа што овој тим својата задача ја има на терен“, изјави Беќири.