Три пиштоли и една полуавтоматска пушка како и повеќе парчиња куршуми се пронајдени при претрес извршен вчера во домот на А.Ж.(36) од струшкото село Делогожди. При претресот извршен по претходна наредба од Основниот суд во Струга, полициските службеници од полициската станица во Струга пронајдоа 42 парчиња муниција за полуавтоматско оружје калибар 9 мм. и 15 куршуми пиштолска муниција различен калибар.
Оружјето кое А.Ж. нелегално го поседувал е одземено и ќе биде предадено на вештачење во Министерството за внатрешни работи на Република Македонија во Скопје.
Покрај трите пиштоли и полуавтоматската пушка за која А.Ж. немал соодветна документација, при претресот пронајдено е уште едно огнено оружје-пиштол марка „Глок“ кое А.Ж. го поседувал со одобрение со 16 куршуми. За ова оружје, полициската станица од Струга ќе поведе управна постапка за негово одземање.
При претресот, дополнително пронајдени се едно патничко моторно возило марка „Мицубиши“ со скопски регистарски таблици, но без соодветна документација за сопственост како и две моторни пили за кои постои основ на сомнение дека потекнуваат од кривично дело.
Поради постоење основи на сомнение дека А.Ж. врши кражба на електрична енергија, повикани се службите на ЕВН кои при претресот извршија увид и составија записник за кражба на електрична енергија.
Полициската станица од Струга против А.Ж. ќе поднесе кривична пријава поради постоење основи на сомнение дека го сторил кривичното дело „Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“.