Од март почнуваат градежните работи на пругата кон Бугарија

Во март следната година ќе почнат градежните работи за реконструкција на железничката делница Куманово – Бељаковце во должина од 31 километар, прва од планираните три за железничко поврзување на Македонија со Бугарија, на Коридорот 8.

Претставници на изведувачот на градежните работи, германската компанија „Вибе“, потпишаа Договор со раководството на ЈП „МЖ Инфраструктура“ за реализација на проектот во вредност од 39.753.000 евра.

„Сметаме дека проектот ќе го реализираме во рок од две години како што е планирано. Датумот за почнување  на работите е 17 март 2014 година, но претходно имаме исцрпни планирања, состаноци и  подготовки пред официјално да ги почнеме работите“, рече по потпишувањето на договорот Волфганг Кортен од компанијата „Вибе“.

Нашата цел како компанија, истакна, е да оставиме што е можно повеќе пари во државата.

„Ќе се насочиме кон тоа материјалите да ги набавиме од вашата држава и да ангажираме локално население да работи на проектот. Секако, шините мора да бидат купени надвор од вашата држава“, посочи Кортен. 

Според министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески со потпишување на договорот станува реалност проектот за изградба на железничката пруга до границата со Бугарија и се создадени услови за почнување со градбата во март догодина.

„Од претставникот  на „Вибе“ има ветување дека доколку дозволат временските услови  градбата ќе почне поскоро затоа што се веќе присутни во Македонија“, рече Јанакиески.

Милан Јанкулоски, заменик на генералниот директор на ЈП МЖ Инфраструктура информира дека ќе се изврши рехабилитација и доизградба на горниот и долниот строј на железничката пруга  Куманово – Белјаковце, во должина од 31 километар. Предвидени се три станични згради, четири стојалишта, три моста, една тунелска цевка, осум подвозници и шест надвозници, пет километри станични колосеци, пристапни патишта со новопроектираните подвозници и надвозници, сигнализација и телекомуникации, електрификација и сета неопходна инфраструктура, наведе Јанкулоски.

Парите  за градежните работи се обезбедени од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Проектите за реконструкцијата  на железничката  делница ги изработи автсриската фирма  IFL. Ревизија изврши  Градежниот факултет во Скопје, а за надзорот на градбата е избрана компанијата „Ептиса“.

Министерот за транспорт напомена дека се преземаат активности за подготовка на документација и обезбедување пари и за останатите две делници за железничкото поврзување со Бугарија, Бељаковце – Крива Паланка и Крива – Паланка – Деве Баир. Основниот проект за секцијата Бељаковце – Крива Паланка во должина од 34 километри треба да биде готов до првиот квартал 2015 година, по што се очекува старт на градбата. Изградбата на таа делница ќе чини 144 милиони евра што се планира да бидат обезбедени од меѓународни финансиски институции.

Последната делница од Крива Паланка до Деве Баир во должина од 24 километри ќе чини околу 360 милиони евра. За неа е во тек подготовка на документација за објавување повик за избор на консултанти за изработка на проектната документација.

„Очекувам дека во тек на 2014 година ќе склучиме договор за изработка на проект затоа што моментно се изработува дополнување на физибилити  и студијата за животна средина што ќе заврши до април, по што  ќе има јавен повик за избор на консултант што ќе изработи вкупна документација на ниво на главен проект. Се предвидува да се склучи договор кон крајот на 2014 и проектот да се изработи до  2016 година, а градбата да почне во 2017 година“, најави Јанакиески.

За железничкото поврзување со Бугарија, според него, има целосна координација со тамошните власти. Пред три недели на состанок со неговиот бугарски колега Јанакиески ги претставил сите активности.

„Тие веќе аплицирале за средства од   европските фондови  за рехабилитација на дел од пругата што би ја користеле ние како земја кога ќе се поврземе. Исто така знаат каде треба да биде вкрстувањето на делниците. За последните  два километри  исто така ќе обезбедат средства за проектирање  и бидејќи е мала трасата финансирањето ќе го направат од својот буџет“, рече Јанакиески.