Со неколку часовен музичко-сценски хепенинг и настап на музичката ѕвезда Ламбе Алабакоски, синоќа на Градскиот плоштад свечено беше отворено лизгалиштето на мраз.
Градоначалникот Никола Бакрачески и посака топло добре дојде на бројната публика, најавувајќи интересни содржини за наредните предновогодишни денови, но и ветувајќи дека од оваа година секоја наредна ќе биде се подобра во поглед на организација на Новогодишните, Божиќните и Богојавленски празници.
„Се надевам дека ние како Општина, заедно со јавните претпријатија и сите луѓе кои го сакаат Охрид, ќе успееме и во овие зимски месеци да го направиме привлечен градов како за неговите жители така и за гостите. Во наредниве денови ќе имате можност да се забавувате и рекреирате со содржини со кои се надевам ќе ги развеселиме и стоплиме вашите срца. Ова лизгалиште е нова содржина како за најмладите така и за повозрасните. Тоа е убава можност за сите кои знаат да лизгаат а за тие кои не научиле одлична шанса да ги научат првите чекори во лизгањето“, – истакна градоначалникот Бакрачески.
Синоќешните понудени забавно-музички содржини беа со задоволство примени од многубројните насобрани охриѓани и гости, млади и возрасни кои танцуваа и се забавуваа. Дедо Мраз ги стопли срцата на најмладите делејќи им балони и шеговити зборови.
Инаку, новогодишната неколкудневна програма во организација на Општина Охрид продолжува наредниве денови. Во среда во спортската сала „Атина Бојаџи“ е предвидена новогодишната забава на Општина Охрид, во четврток во ЦК „Григор Прличев“ ќе се одржи хуманитарен концерт, а во сабота на Градскиот плоштад е stand- up комедијата во изведба на Никола Тодороски.
Пред новогодишната програма на Општина Охрид се заокружува во понеделник со настапот на неколку културно уметнички друштва од градов. Од Локалната ветуваат незаборавен дочек за Новата година на Градскиот плоштад, како и интересни содржини за Божиќните и Богојавленските празници.