Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати честитка до сите христијански верници кои го прославуваат Божик според Грегоријанскиот календар.
Ми претставува чест и задоволство во овие претпразнични денови да Ви го честитам претстојниот голем христијански празник, празникот на Раѓањето Христово – Божик.
Овој голем празник на љубовта, мирот и на помагањето нè учи да живееме во простување и во милосрдие, да ги следиме врвните морални закони во нас и да дејствуваме во согласност со начелата на вистината.
Божик е време за мир, заедништво и добри дела. Време кога на нашите ближни им подаруваме љубов и добрина. Време кога одново ги потврдуваме нашите искрени заложби за негување и за почитување на верските различности и религиозните посебности како врвна вредност на македонското многуетничко, многурелигиско и многујазично општество.
Честитајќи им го Денот на Раѓањето Христово – Божик на сите македонски граѓани кои го прославуваат според Грегоријанскиот календар, посакувам да продолжиме да ја пренесуваме божиќната порака за вистината за верата која ја живееме. И овој Божик, нека светлината и топлината ги исполнат нашите домови, нека ни донесат лична и семејна среќа, верба во себе и во другите, и креативна енергија за да придонесеме за севкупниот напредок на нашата татковина Македонија.
Христос се роди!
Вистина се роди!