Мишев: Почнувајќи од оваа година, секоја година ќе се одржува предновогодишна детска забава

Со настап на ученици од Основното училиште „Григор Прличев“, вечерва започна големата предновогодишна забава за деца, која се одржа во спортската сала „Билјанини Извори“. Покровител на новогодишната забава е Општина Охрид и градоначалникот Никола Бакрачески.

„ЈП „Билјанини Извори“ оваа година со свои содржини се вклучува кон богатата новогодишна забава која ја организира Општина Охрид. Ние како јавно претпријатие кон децата од предшколска возраст ќе понудиме голем број на програми од спортско рекреативен карактер и исто така низа програми од културно-забавен карактер. Вечерва во спортската сала „Билјанини Извори“ се одржува голем предновогодишен музички хепенинг“. – изјави директорот на ЈП „Билјанини Извори“, Ристе Мишев.

Имено, на забавата свој настап имаа „Распеаните Рибарчиња“, балетско студио „Виза Ви“, ансамблот „Билјана“ (јуниор)  како и најмладите учесници – децата од ЈОУДГ „Јасна Ристеска“. 

На најмладите им беше понудена навистина одлична забава. Покрај многу музика, игра и пеење имаа можност да се дружат и сликаат со Дедо Mраз, а си добија и чоколатчиња и лижавчиња.

Директорот Мишев рече дека почнувајќи од оваа година, секоја година ќе се одржува ваква предновогодишна детска забава, а исто така и голем број на манифестации за деца во организација на ЈП „Билјанини Извори“.

Директорот искористи прилика на сите деца и на сите граѓани на Охрид да им ја честита Новата 2014 година.

„Од мое име и од името на ЈП „Билјанини Извори“ им ја честитам Новата година и божиќните празници на сите деца, на сите граѓани и им посакуваме се најдобро во 2014.“ – додаде Мишев.

WebOhrid