Николче Новески најдобар фудбалер за сезоната 2012/2013

Фудбалската федерација на Македонија вчера на свеченост ги додели наградите за најдобрите во македонскиот фудбал за сезоната 2012/13.

Репрезентативецот на Македонија и капитен на германскиот бундеслигаш Мајнц, Николче Новески е прогласен за најдобар фудбалер, а наградата за најдобар играч од домашниот шампионат му припадна на Дејан Блажевски од Хоризонт Турново.

Благоја Милевски, тренерот на првакот во МФЛ, Вардар беше награден со признанието тренер на годината. ФК Работнички доби награда за фер-плеј екипа, а за спортски работник е прогласен Драган Поповски, претседателот на Работнички.

На Јован Костовски, поранешниот напаѓач на Вардар му беше доделена награда за најдобар стрелец.

За најдобар млад фудбалер е избран Марјан Радевски, член на екипата на ФК Металург, тим кој е прогласен за најдобар младински состав.

Александар Васовски е најдобар тренер кај младите, а Мартин Христов кој настапува за Македонија ЃП е прогласен за најдобар стрелец.

Во женска категорија, фудбалерката Наташа Андонова го доби признанието за најдобра фудбалерка, а Елена Јаковска за најдобар стрелец. Најдобар тренер е Астрид Мерко.

Во футсал, најдобар играч на Македонија за 2013 година е Драган Петровиќ (Скопје 2011), а тренер, Зоран Лекиќ (КМФ Скопје).

За најдобар фудбалски судија е избран Димитар Мечкаровски, а награда за животно дело му припадна на поранешниот селекторот на Македонија, Андон Дончевски.

Астрид Мерко (најдобар тренер во женски фудбал): Им благодарам на сите за поддршката, нема да разочарам никого, оваа награда ќе ми биде мотив за понатамошната работа, заедно со сите мои соработници да го подобриме женскиот фудбал од сите аспекти.

Ели Јаковска (најдобар стрелец во женскиот фудбал): Благодарност за поддршката, од мојот поранешен клуб Борец до сегашниот Тиверија.

Наташа Андонова (најдобра фудбалерка): Голема благодарност до ФФМ, им благодарам на сите за поддршката, оваа награда ми дава мотив плус во работата, се надевам дека оваа сезона ќе ја освоиме Лигата на шампионите со Турбине..

Зоран Лекиќ (најдобар тренер во футсал): Морам да им се заблагодарам на сите  што гласаа за мене, да им се заблагодарам на стручниот штаб, луѓето од клубот кои дадоа голем придонес да го постигнеме овој успех.

Драган Петровиќ (најдобар футсал фудбалер): Се надевам дека ова нема да биде последен пат како ја добивам оваа награда, му благодарам на г-динот Ѓорѓиоски што дава придонес за развојот на футсалот во Македонија.

Драган Поповски (најдобар фудбалски работник): Им благодарам на сите за поддршката, благодарност до ФФМ, посебни честитки на сите учесници кои добија вакви награди. Да се биде претседател на ФК Работнички од една страна е чест, но од друга страна бара многу обврски, работа. Благодарение на работата и трудот ја добиваме оваа награда. Исто така, доколку зад мене не беа ветераните од клубот, вработените, сите симпатизери на клубот немаше да го достигнеме ова ниво. Оваа награда ја споделувам со фудбалерите, без чии резултати и победи не би можеле да дојдеме до наградата.

Игор Ангеловски (фер-плеј екипа ФК Работнички): Оваа награда ни претставува посебно задоволство, ќе продолжиме и натаму да работиме и да се однесуваме според фер плеј правилата.

Димитар Мечкаровски (најдобар судија): Огромна чест е да се освои оваа награда, голема благодарност до сите кои ме поддржаа, оваа награда му ја посветувам на мојот татко кој е најзаслужен поради тоа што сум тука.

Александар Васовски (најдобар тренер во младинскиот фудбал): Благодарам на сите за поддршката, на сите кои ме поддржуваат во мојата работа, исто така сакам оваа награда ја да споделам и со играчите на ФК Металург кои исто така се заслужни за оваа награда.

Мартин Христов (најдобар стрелец во младински фудбал): Сакам да им се заблагодарувам на сите кои ми даваат поддршка, исто така им се заблагодарувам на моите соиграчи, без кои не би дошол до оваа награда“ изјави Христов.

Марјан Радески (најдобар млад фудбалер): Благодарност на сите за поддршката, им благодарам на сите мои најблиски соработници.

Ѓорѓи Христов – ФК Металург (најдобра екипа во младинска категорија): Благодарност до сите присутни во името на ФК Металург, шампионот на Македонија во  пионерската и кадетската конкуренција.