СДСМ: ДПМНЕ во Охрид никако да стане сериозна политичка партија

Општинската организација на СДСМ Охрид испрати соопштение во кое стои:

„ДПМНЕ во Охрид никако да стане сериозна политичка партија; уште помалку може да биде народна партија, а најмалку може да воведе ред во работите што се во надлежност на општината, во хаосот што сама го направи.

По катастрофалното проектирање на ребалансот на општинскиот буџет во јуни, кога препотентно се импровизираше во носењето на т.н. „нови програми“, а притоа не слушајќи ниту еден добронамерен совет од опозициските советници, во ноември се направи уште еден невиден гаф, кога со новиот ребаланс се скрати буџетот, што самите го проектираа, за НЕВЕРОЈАТНИ 33%. Тоа не и се случува на сериозна политичка партија.

Во времето на претходната локална власт ниту еден човек не остана без работа, за да биде вработен некој друг. Претходната локална власт успеа да креира повеќе од 1200 нови работни места и да згрижи толку граѓани на Охрид, и покрај големите опструкции и секојдневните пречки од централната власт. Претходната локална власт критериумите за вработување во јавните претпријатија и во општината никогаш не ги базираше врз дискриминирачки принципи од политички карактер. Оваа локална власт на ДПМНЕ во тој поглед делува крајно субјективно и непрофесионално, затоа што им се прекинуваат договорите за работа на едно луѓе, за да се вработаат други. Притоа, се води сметка исклучиво да бидат згрижени заслужните партиски војници.

За да се прикрие хаосот во работењето на општината и јавните претпријатија, за да се прикрие осветољубивоста на сопственото партиско членство, како и сопствената неспособност и нестручност, луѓето секојдневно се прераспоредуваат на несоодветни работни места или се казнуваат по слободна проценка. Притоа, не се почитуваат никакви професионални, технолошки или оперативни критериуми, туку исклучиво желбата и волјата на партиските функционери на ДПМНЕ. Тоа не е карактеристика на една политичка партија од народот и за народот.

Ниту се има знење и стручност, ниту способност да се воведе ред во градот, бидејки ниту одлуките, ниту заклучоците, што ги носи советничкото мнозинство, не се почитуваат и реализираат. Можеби е добро некој да даде одговор на следните прашања:

Дали е изготвен план за местоположба на контејнерите за отпад низ градот? Дали се претходно известени граѓаните за отстранувањето на контејнерите? Дали се граѓаните информирани за новите локации на контејнерите? Станарите се повикуваат да предложат каде да бидат поставени контејнерите, но очигледно не се знае фактот дека нивното поставување е исклучиво обврска на локалната самоуправа. Нејасни се причините за ваквиот однос кон граѓаните, затоа што тие веќе наголемо се расправаат меѓу себе, оставени сами да ги решаваат своите комунални проблеми. 

Охрид осум години важеше за препознатливо чист град, а новата власт на ДПМНЕ за осум месеци успеа да ја уништи таквата слика за градот. Денешната реакција воопшто не е случајна. Граѓаните не знаат каде треба да го депонираат отпадот. Секој ден контејнерите се на различни локации, а отпадот го гледаме расфрлан токму на местата, каде што претходно беа поставени контејнерите. Па зарем вака изгледа посветеното работење кон граѓаните? Зарем вака се сервисираат нивните потреби?

За крај, добро би било граѓаните на Охрид да знаат кој го украси градот и колку чини тоа украсување оваа година. Новата градска власт на големо се фали дека сега, за разлика од порано, се штеди, па еве вистинска можност тоа и да се покаже и на дело. Нека се направи една споредба пред граѓаните колку пари од народот се потрошени за украсување оваа година, а колку тоа чинело претходните години. Исто така, добро би било граѓаните на Охрид да ги дознаат фактите за лизгалиштето на плоштадот, со оглед на тоа што советничкото мнозинство вчера го одби предлогот на опозицијата да се разговара за оваа инвестиција – врз основа на кој урбанистички план или програма е поставено лизгалиштето на градскиот плоштад, кој стопанисува со лизгалиштето, како е доделена локацијата и правото на некој субјект да заработува на плоштадот без објавен тендер за таква услуга и колку ќе ја чини општината целата таа инвестиција?

Јавноста во Охрид очекува одговори на овие прашања, со надеж дека во меѓувреме споменикот на Св. Климент Охридски, Вечниот Патрон на нашиот град, нема да позелени од срам оваа зима.“ – стои во соопштението од ОО на СДСМ Охрид, испратено до медиумите.