Врз основа на пресот на ЛДП од Охрид дека се уште се во исчекување на одговор од Локалната самоуправа за презентираните проекти пред Светска банка, со реакција излезе Општина Охрид.
„Не е првпат ОО на ЛДП Охрид, да излегува во јавноста со манипулации и искривување на фактите, со вадење од контекст на изјавите официјални лица на Општина Охрид, во поглед на кредитните линии што се очекуваат од Светска Банка. Во интерес на јавноста и вистината пред се, уште еднаш ќе појасниме дека: Општина Охрид почитувајќи ги законските обврски и процедури, аплицира со повеќе инфраструктурни проекти пред Светска Банка, кои се однесуваат на реконструкција на улици и патишта во градот и руралните средини, реконструкција и доградба на водоводна и канализациона мрежа, реконструкција на градинки и набавка на специјални возила за ЈП Комуналец. Најдобра потврда дека ништо не е работено во делот на изработка на проектна документација, е делот од одговорот на ЛДП каде се наведува дека го знаат нашиот одговор. А, ние не се сомневаме дека е така, зошто ним им е совршено јасно дека освен ништо што не направија, ами и ја уназадија Општина Охрид. Во ЛДП треба да знаат дека, за да се изработи квалитетен и издржан проект, целата постапка треба да помине повеќе фази и трае неколку месеци, а во моментов проектната единица на Светска банка работи на физибилити студија, по која сите проекти ќе бидат проследени до централата на одобрување. Ние сме уверени дека нашата апликација ќе ги задоволи високите критериуми и Охрид ќе ги добие бараните средства.
За разлика од времето на коалиционото владеење на ЛДП со СДСМ, исполнето со празен популизам, непродуктивност и неодговорност, денес Општина Охрид пред јавноста и граѓаните секогаш ќе биде транспарентна и со видливи резултати. За да нема никакви забуни и напразни спинувања, на ЛДП и порачуваме да не покажува лажно душегрижништво за односите на централната и локалната власт, зошто тие функционираат одлично во рамките на законските овластувања и надлежности и во интерес на граѓаните на Охрид.“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.