Се зголемува владината поддршка за саемска промоција на македонските земјоделски производи

Портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев на прес-конференција истакна дека Владата на Република Македонија го усвои планот за 2014 година за финансиска поддршка на националната промоција на македонското земјоделско производство на меѓународно значајни земјоделски саеми и настани.

Со овој план се предвидува во 2014 година Владата да даде финансиски средства во висина од 415 000 евра за организирана промоција на македонските извозни земјоделски производи на најперспективните саемски манифестации во земјите со недоволно присуство на македонски производи, а кои имаат огромен потенцијал за апсорпција, или пак промоција во земји кои претставуваат брзорастечки пазари поради големиот број на потрошувачи, постојаното зголемување на куповната моќ и резистентноста на нивните економии на светската финансиска криза.

Поддршката се обезбедува за поорганизиран настап на најизвезуваните македонски земјоделски производи – квалитетното македонско вино и свежиот и преработен зеленчук и овошје на пазарите на Кина, Русија, САД и дел од европските земји на кои е недоволно промовирано македонското земјоделско производство. На овие пазари ќе биде извршена национална презентација на производството од Република Македонија како производител на квалитетни и вкусни земјоделски производи. Спроведувањето на активностите за национална промоција на македонското земјоделско производство ќе оди преку националните здруженија на овие производители за нивен заеднички настап организиран како производи од Македонија, што значи групно ќе се промовираат вината, овошјето или зеленчукот како македонски производи независно од субјектот кој ги произведува. Заедничката национално брендирана промоција и промотивните настани треба да придонесат за јакнење на имиџот на Македонија како земја во која се произведуваат квалитетни вина и квалитетно овошје и зеленчук, а со тоа и да се зголемат и можностите и условите за продажба на македонското вино, овошје и зеленчук на меѓународниот пазар.

Трошоците кои ќе бидат покриени од страна на Владата на Република Македонија се обезбедување и закуп на саемски простор и изработка на заеднички национален павилјон со тематски штандови, покривање на националното презентирање со подготовка на промотивни материјали и активности.

Изборот на саемските манифестации на кои ќе биде поддржано организирано присуство и промоција на македонските земјоделски производи во 2014 година, а кои се претставени во продолжение е направен во координација со Здружението на производители и извозници на вино – Вина од Македонија, Македонската асоцијација на преработувачи на овошје и зеленчук, како и со индивидуални извозници на земјоделски производи од Македонија.

Се работи за следните саеми:

1. Во Народна Република Кина:

-Кинески интернационален вински саем – China (Beijing) International Wine and Spirits Fair, кој се одржува во мај 2014;

-вториот саем ќе биде избран дополнително во договор со земјоделските здруженија, а се работи за алтернатива на изборот помеѓу Меѓународниот вински саем во Хонг Конг – Hong Kong International Wine & Spirits Fair, или пак алтернативно ВИНЕКСПО Кина – WINEXPO – 2014 China, во градот Гванжоу, кои се одржуваат во ноември 2014 година.

2. Во Руската Федерација:

-ПРОДЕКСПО 2014 – PRODEXPO 2014, кој се одржува во февруари 2014;

-World Food (Мир Питание) 2014, саем за свежо овошје и зеленчук кој се одржува во септември 2014 година.

3. Во Европска Унија:

-Фрутлогистика – Fruitlogistica, кој се одржува во февруари 2014 во Берлин;

-Агробалт – Agrobalt, во Вилнус кој се одржува во април 2014 година;

-освен овие две саемски манифестации во текот на месеците октомври и ноември 2014 ќе се даде поддршка и на одржување на таргетирани настани за промоција на македонските вина во Полска, Холандија и Швајцарија.

4. Новина во овој план за 2014 година, во однос на планот од 2013 година е проширување на присуството на нови саеми или настани на територијата во Северна Америка, САД, и тоа:

-Фенси Фуд – Fancy Food, во Њујорк, кој се одржува во јуни и јули 2014 година;

-Промотивни настани на македонското вино во Њујорк, во текот на мај и јуни 2014 година.

Очекуваме со овие мерки и активности да се придонесе во поддршка на бизнис заедницата и да се помогне во пласманот на нивните производи на светски пазари. За илустрација на продуктивноста на овој пристап говори и фактот дека во 2013 година, македонските компании кои преку минатогодишната програма на Владата за поддршка на присуството на меѓународни земјоделски саеми присуствуваа на ваквиот тип на настани, само во деновите на одржување на саемот склучија зделки со странски компании за пласман на македонските производи на странски пазари во висина од 11 500 000 евра. Ова година со поголемата по обем поддршка и со зголемувањето на бројот на саеми на кои ќе се присуствува и на настани на кои ќе се промовира, очекуваме овој потенцијал дополнително да се развие и да се обезбедат нови договори на нашите компании.

Ги повикуваме сите домашни компании кои имаат интерес да ја искористат оваа можност. Во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во секој момент можат да ги добијат сите потребни податоци за процедурата за учество на овие саеми, можностите кои се нудат, за условите, и да добијат одговор на определени прашања, појаснувања на некои аспекти или пак совети од нивен интерес.

Со учеството на овие настани, домашните компании ќе добијат нови можности, ќе може да придонесат за нивниот профит, растот на компаниите и отворањето на нови работни места.