Во текот на 1-та недела од 2014 година (од 30.12.2013 – 05.01.2014 година), во Република Македонија, од вкупно 31 извештајна единица, само 13 пријавиле заболени лица со симптоми на грип (на групни пријави за заболени од грип), со вкупен број 366 (МБ 1,8/10.000).
Во споредба со бројот на заболени за 1-та недела од минатата сезона (143), се бележи зголемување за 2,6 пати, а во однос на просечниот број заболени за оваа иста недела во изминатиот 10-годишен период (1172), се регистрираат 3,2 пати помалку заболени лица.
Вкупниот број на заболени од грип во републиката од почетокот на сезоната 2013/2014 (40 недела, 2013) заклучно со 1-та недела 2014, изнесува 1.343 (МБ 6,5/10.000). Во овој период нема регистрирани смртни случаи асоцирани со инфекции со вирусот на грип.
Во споредба со истиот период минатата година (740), постои зголемување на вкупниот број на заболени лица за 81,5%, а во однос на просекот за 10-годишниот период (1423) се регистрира намалување на бројот на заболени во оваа сезона за 5,6%.
Заболени лица се пријавени од 23 ЦЈЗ/ПЕ (извештајни единици), но дури во 12 единици бројот на заболени што е регистриран е помал од 10 за целиот период до 1-та недела. Досега 8 ЦЈЗ/ПЕ не пријавиле ниту еден случај на грип/ заболување слично на грип.
Дистрибуцијата на заболените од грип по месеци,укажува на тоа дека во месец декември пријавени се најголем број на случаи со симптоми на грип (606 случаи, 45,1%), додека само во првата недела од јануари 2014 година, пријавените 366 случаи чинат 27,3% од вкупниот број на заболени во целата сезона 2013/2014.
Најголем МБ во оваа сезона е регистриран во ПЕ Пехчево (40,5/10.000), а најголем број на заболени (324) се регистрирани на територијата на ЦЈЗ Куманово.
Бројот на заболени и морбидитетот по возрасни групи, во сезоната 2013/2014 е прикажан во Табела 1. Најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години (770), а најголем МБ (15,9/10.000 жители) кај најмладите – децата до 4-годишна возраст.
Во текот на 1-та недела 2014, пристигнати се три материјали за тестирање во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ и трите се негативни. Од почетокот на сезоната 2013/2014, во оваа лабораторија се пристигнати вкупно 26 хумани материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти, од кои 6 или 23,1% биле позитивни на вирусот на инфлуенца А/H1.
Бројот на пријавени случаи на грип/заболувања слични на грип во Македонија бележи континуиран пораст и се очекува овој тренд на пораст на активноста на вирусот на грип да се одржува во наредните недели и месеци.
Извештајот за движењето на вирусот на грип во сезоната 2013/2014 во Европа, според информациите на електронскиот неделник на WHO – Euroflu за 52-та недела е некомплетен поради новогодишните и божиќните празници. Бројот на пријавени случаи на заболувања слични на грип (ILI) и акутни респираторни инфекции (ARI) се на ниско ниво во целиот Европски регион. Сепак, бројот на инфлуенца А (H3N2), А (H1N1) pdm09 и инфлуенца Б детекции се зголемува, со доминација на инфлуенца А(Н3). Бројот на пријавени хоспитализации поради тешки акутни респираторни инфекции (SARI) останува на ниско ниво, иако во 52-та недела беа пријавени 4 хоспитализирани случаи поврзани со инфлуенца А инфекција.
Во текот на 52-та недела, бројот на позитивни резултати од тестираните примероци полека се зголемува, иако бројот на тестирани примероци во однос на претходната недела е далеку помал заради новогодишните и божиќните празници. Од тестирани 3646 примероци од лица со заболувања слични на грипот (ILI), акутни респираторни инфекции (ARI), како и тешки акутни респираторни инфекции (SARI), 191 или 5,2% биле позитивни за грип, а од нив 93% биле позитивни на influenza A, додека 7% на influenza B.
Од почетокот на сезоната (40 недела/2013) се детектирани и типизирани 1399 примероци на грип. Од нив, 84% се типизирани како influenza A и 16% како influenza B. Од influenza A типизираните наоди, 819 се субтипизирани – од нив 303 (37%) се A(H1N1)pdm09 и 516 (63%) се A(H3N2). Во текот на 52-та недела, 5 земји пријавиле доминатен инфлуенца вирус за оваа сезона, и тоа: Норвешка и Швајцарија (influenza A), Турција (influenza A(H3), Руската федерација (influenza A (H1N1) pdm09 и H3) и Грција (influenza A (H1N1) pdm09).
Во текот на 52-та недела од 2013 година, сите европски земји продолжуваат да известуваат за ниска активност на вирусот на грип и воглавно за стабилен тренд, без или со спорадична активност на вирусот на грип. Регистрираните ILI и ARI инфекции се на ниско ниво и под националните епидемиолошки прагови во сите земји што може да се должи на намалениот број на пријави заради празниците.
Бројот на хоспитализирани болни од тешки акутни респираторни инфекции (SARI) полека се зголемува, иако сеуште се наоѓа на ниско ниво.