Годинашното славење на големиот христијански празник „Богојавление – Водици“ и Денот на рибарите, ќе биде надополнето и со нови содржини кои ќе се реализираат во соработка со Локалната самоуправа, хотелско угостителскиот еснаф и бизнис заедницата.
„Оваа година општина Охрид, во соработка со бизнис заедницата се ангажира за организирање на нови содржини кои треба да ја збогатат понудата пред одржувањето на најмасовната црковно- народна церемонија за осветување на водите на Охридското Езеро на празникот „Богојавление-Водици“. Во четврток на 17-ти јануари, во спортската сала „Билјанини извори“ со почеток во 21 часот ќе се одржи голем концерт на балканската ѕвезда Жељко Јоксимовиќ, а во сабота на 18-ти јануари во Центарот за култура „ Григор Прличев“ со почеток во 19 часот и 30 минути гостува хорот „Св. Злата Мегленска“.“ – рече на денешната прес- конференција, Ѓоко Апостолов, раководител на Секторот за туризам и Локален економски развој при Локалната самоуправа.
Од здружението на граѓани за целосна афирмација на МПЦ- ОА „Богојавление“ најавија дека привршуваат подготовките за двете големи манифестации и очекуваат на чинот на фрлањето на Светиот крст во водите на Езерото да има над илјада капачи од Охрид и од другите градови од Република Македонија но и туристи, пред се од соседните земји.
„Чинот на фрлањето на светиот крст и осветувањето на водите на Охридското Езеро ќе се случи на 19- ти јануари , на „ Богојавление- Водици“ во 10 часот и 15 минути на градското пристаниште. На овој настан ќе му претходат богослужби во охридските цркви кои потоа со литијски поворки ќе пристигнат на пристаништето“. – истакна Димитар Пендов од Здружението „Богојавление“.
Тој додаде дека се е подготвено и за Денот на рибарите. Традиционално манифестацијата на Сараиште ќе започне со групното крштевање во 13 часот, а за 15 часот е планирано фаќањето на бурето со вино. Годинава, донатор на рибната чорба со која се конкурираше за Гинисов рекорд е хотелот „Ројал“. Ќе бидат подготвени околу 7 илјади оброци рибна чорба и еден тон плашици, од кои дел заедно со Црвен крст ќе бидат дистрибуирани до детските градинки, здраствените установи и социјално ранливите групи граѓани.
На денешната прес-конференција беше потенцирано дека речиси 90 отсто од хотелите имаат намалени цени од 12 евра за ноќевање со појадок, а намалувања има и во угостителските објекти. Целта е да се привлечат што поголем број туристи и да се продолжи зимската туристичка сезона.