ВМРО-ДПМНЕ: Организирањето на администрацијата за нејзиното ефикасно функционирање е од фундаментална важност за општина Охрид

Во врска со соопштението од Советничката група на Сојузот за иднината, во кое што остро реагираа на последното како што велат притискање на десетина вработени во Локалната самоуправа со реакција излезе Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата во општинскиот Совет.

„Советничката група на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Охрид, ги поддржува и ќе ги поддржи активностите на Градоначалникот Бакрачески кои се во функција на санирање на катастрофалните штети направени во изминатите 8 години од страна на претходната локална гарнитура.

Покрај огромите финансиски долгови во висина од над 33 милиони евра, со кои се соочи Градоначалникот Никола Бакрачески и мнозинството во општинскиот Совет предводено од ВМРО-ДПМНЕ, покрај наследената целосна материјална и морална девастација на општината, сериозен проблем претставува и нереално димензионираната општинска администрација, неколку кратно поголема од стандардите за административно работење. Единствен услов за вработување во минатото во таа администрација беше партиско-политичката подобност кон Коалицијата предводена од СДСМ, ставајќи ги партиските над граѓанските интереси. СДСМ и Сојузот за иднината ја имаат целосната одговорност за таквата ситуација до која ја доведоа општина Охрид во изминатиот 8 годишен период. Впрочем, симптоматично е зошто СДСМ и Сојузот за иднината од улога на позиција во советот на општина Охрид цели 8 години не беа загрижени за вработените во Локалната кога едно столче го делеа тројца административци. Зарем тоа не е спротивно на стандардите за работа и не е форма на мобинг? 

Организирањето на администрацијата за нејзиното ефикасно функционирање е од фундаментална важност за општина Охрид и советничкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ  и коалицијата го охрабрува и поддржува Градоначалникот Бакрачески и Локалната самоуправа да ги спроведуваат сите мерки, согласно законот, за надминување на сериозно критичната ситуација во која е затекната во општина Охрид, запазувајќи ги сите стандарди за одговорно и професионално функционирање на администрацијата и приближувајќи ги административните општински услуги кон секој граѓанин. Професионализацијата на општинските служби е значајна за обезбедување на развојот на Охрид и секој модел кој води кон зголемување на професионалноста, ефикасноста и ефективноста на тие служби ќе биде поддржан од страна на советничкото мнозинство.“ – стои во реакцијата од Советничката група ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата во Советот на Општина Охрид.