Осврт на досегашните активности, преглед на активностите и проектите што ќе бидат реализирани во 2014 година, но и за иновации во однос на соработката, беа тема на редовната работна средба на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска со македонските амбасадори на културата во светот.
На средбата присуствуваа шест од вкупно деветте досега номинирани амбасадори на културата – режисерите Милчо Манчевски и Иво Трајков кои работат и творат респективно во САД и Чешката Република, реномираната пијанистка која живее и музицира во Австрија Елена Мисиркова и професорката по пијано од Малезија Снежана Пановска, тенорот Благој Нацоски со живеалиште во Италија, како и Владо Јаневски, кој е македонски амбасадор на културата во Хрватска.
Министерката Канческа – Милевска истакна дека таа лично и Министерството со сите нив има интензивни комуникации и разговара за промоција на македонската култура и за реализација на заеднички проекти. Воедно, им се заблагодари за нивното активно учество во промоција на македонската култура, поттикнување на најразлични проекти и придонесот за соработка со голем број уметници во државите во кои живеат и работат.
Договорено е во иднина овие средби да се одржуваат на 11 јули, за да може нивното присуство да се искористи за збогатување на отворањето на фестивалот „Охридско лето“. Станало збор и за нов проект кој треба да следи во иднина, а тоа е промоција на творештвото на амбасадорите на културата, кои имаат богато портфолио во Македонија или во државата во која живеат.
Министерката Канческа-Милевска ги информирала амбасадорите и за сите активности во областа на културата со акцент на стимулативните мерки во оваа сфера, на инвестициите кои се работат и за активностите преземени на меѓународен културен план.
Годинава активноста на амбасадорите респективно ќе биде во знакот на одбележувањето на 20 години дипломатски активности со Унгарија, Австрија, Чешката Република, Јапонија и Ватикан. Така творештвото на Манчевски ќе биде презентирано на повеќе реномирани фестивали и манифестации, Нацовски ќе помогне во одбележувањето на јубилејот од дипломатските релации во Јапонија и во Ватикан, Трајков и Мисиркова ќе се вклучат во манифестациите во Австрија и во Чешка, МОБ ќе се претстави во Банкок, Тајланд, а проф. Пановска ќе се ангажира во реализација на учеството на Македонскиот камерен оркестар на Интеренационалниот натпревар „Шопен“ во Малезија, а Јаневски ќе биде вклучен во гостувањето на етно составот „Синтезис“ во Хрватска. Поголем дел од овие манифестации се влезени и ќе бидат финансирани во Годишната програма за култура, која наскоро ќе биде презентирана, рече министерката Канческа-Милевска.
„Разговаравме и за еден отворен рамковен договор во текот на годината каде што голем број иницијативи, кои би произлегле од страна на амбасадорите, ќе бидат прифатени од Министерството, се со цел да имаме поинтензивна промоција на македонската култура, благодарение на врските и контактите кои што тие ги имаат во средините каде живеат“, рече министерката за култура.
Секој од амбасадорите во својата област на дејствување ги посочи некои од веќе завршените проекти, но и оние кои ќе следат. Нацоски ја истакна фокусираноста на изведба на дела од македонски автори секаде каде тој настапува, а каде тоа е можно и промоција на македонското музичко културно богатство, но и нејзина афирмација меѓу неговите колеги од странство.
„Еден хор во Рим кој во 2009 година изведе дела од Трајко Прокопиев и Тодор Скаловски по повод 15 години од дипломатските односи со Ватикан, истите тие дека ги повторуваа и следните години, иако немаа обврска за тоа. И во Јапонија, еден јапонски хор на моја иницијатива изведе македонски песни и беше интересно да се види како Јапонци пеат на македонски во 7/8-мински ритам“, рече Нацоски.
Режисерот Манчевски подвлече дека промотивната активност ја врши, пред се, од перспектива на неговото творештво, односно гостувањата на неговите филмови, изложби на фотографии и предавања на врвни универзитети.
„Преку презентација на моето творештво, верувам дека се презентира и македонската култура затоа што во овие филмови учествуваат еден куп други уметници кои се вградуваат себе во тие филмови, и тоа е она што патува надвор. Јас можам да помогнам инцидентно во настапи на други македонски уметници и тоа ќе ми биде многу мило“, рече Манчевски.
Овие активности, вели, се реализирани главно со поддршка на Манаки филм, без поддршка од Филмскиот фонд и изрази поддршка на идејата за новоосмислениот рамковен договор со Министерството за култура преку кој ќе има и друга инфраструктурна поддршка во иднина, оти овие активности ги прават, вели, речиси приватно.
Договорено е во јануари следната година секој од амабасадорите да поднесе извештај за своите активности, со цел да биде пошироко запознаена и јавноста со нивната дејност.
Македонски амбасадори на културата се и Зафир Хаџиманов во Србија, режисерот Иван Поповски во Русија и Горан Стефановски, кој живее и твори во Велика Британија.