Импресиите во јавноста и низ социјалните мрежи од овогодишниот Вевчански карневал и по една недела не стивнуваат. Се уште се зборува за рекордната посетеност, музичките гости, детското катче, за гостопримливоста на Вевчанци и, секако, пред се, за василичарската поворка со маски, која беше вистински театар на улица. Субрата Рој, пензионери на скии, функционер, Глупи Август, Есма, младоженец и невеста… беа само дел од маските со кои Долна и Горна Маала на сатиричен начин ја поздравија и ја насмеаја толпата дојдена да го доживее Вевчанскиот карневал.
Претставниците на седмата сила беа задолжени да ја одберат најдобрата маска, со што се врати стариот обичај за избор на најдобра групна маска на овој карневал. Гласовите покажаа дека маската „Функционер“ на друштвото Сокачар, остави најголем впечаток кај новинарите, па така таа е избрана за најдобра и најкреативна на овогодишниот карневал. Покрај “Функционер“ во тесниот избор беа влезени и „Есма“, “Пензионерите на скии“ како и “Субрата Рој“.
Како што беше најавено на самиот карневал, денеска, на големиот празник Водици, најдобрата маска ќе ја добие својата награда – буре со 40 литри „Вевчанска керф“ од Стоби.
Наградата ја додели Градоначалникот на Општина Вевчани Цветомир Угриноски заедно со претседателот на Советот на Општина Вевчани Борче Размоски, со кого и наградените ја имаа првата здравица од бурето со Вевчанската Керф на Стоби.
Овогодинешните маски од карневалот, освен што го привлекоа вниманието на домашната јавност, се појавија и во многу познати светски медиуми (Вашингтон Пост, Ројтерс, Чајна Дејли, Си Ен Ен…) , па следствено на тоа на Вевчанци не им преостанува ништо освен во следните 358 дена да ги засукаат ракавите и да бидат уште поуникатни во креирањето на василичарските маски, кои ќе ги презентираат на следниот карневал.