Платите на администрацијата од септември годинава ќе бидат зголемени за пет отсто, потврди денеска премиерот Никола Груевски.
Тој истакна дека со ова и со олабавувањето на европската должничка криза, како и со континуираните економски реформи на владиниот тим, постепено се враќаме на претходно зацртаните политики и планови.
„Со цел да се овозможи подобрување на стандардот на вработените во јавниот сектор, јавната администрација, иако тоа го немавме ветено претходно, го немавме ветено пред изборите во нашата програма, ниту во владината програма, а согласно Законот за исплата на плати во РМ во 2007 се изврши зголемување на платите на оваа категорија на вработени – вработените во јавниот сектор за 10 проценти, а во 2008 уште еднаш за 10 проценти. Tаков чекор претходно се немаше случено во Македонија, а особено е значаен фактот што истото не беше направено под притисок на штрајкови или демонстрации“, рече премиерот Груевски.
Со новите економски политики од септември 2006, со намалувањето на даноците и со временото зајакнување на даночната дисциплина, додаде, успеавме со пониски даноци да прибереме повеќе пари во буџетот од претходно.
„Тоа беше доволно да повлечеме потег за кој претходно разговаравме и со раководствата на синдикатите“, рече Груевски.
Потсети дека таков ист чекор се планирал во 2009 година, но оти осмата светска криза ги одложила плановите на Владата. – Следуваа, потенцира, тешки економски години во светот и во Европа, со намалување на платите во јавниот сектор и со масовно отпуштање во јавниот сектор во голем број земји, но во Македонија тоа не се случи. Нагласи дека се задржа стабилноста како во многу малку земји во тој период низ светот.
„Во 2006 година на парламентарни избори првпат ја добив довербата да бидам премиер. Се деклариравме како влада партнер на синдикатот и заштита на работничките права. Најдобрата социјална политика е отворање нови работни места. Секогаш внимававме да не ги загрозиме приватните фирми и работните места. Во 2008 и 2011. откако се виде дека ветеното го остваривме, граѓаните ја потврдија довербата во нашите политики. Довербата беше уште поголема обврска од нас. Да го засилиме темпото на работа, особено во сегментот за работниците и вработувањата. Работниците, работничките права, вработувањата се наш приоритет“, истакна премиерот Груевски.
Посочи дека сите се залагаме за подобар стандард на граѓаните, за економски раст и развојот на земјата и за отворање нови работни места и додаде дека се декларираат како влада која е партнер на бизнисот, но и влада на синдикатот и заштитник на работничките права.