Претседателот Иванов лауреат на меѓународната награда „Иса бег Исаковиќ“ за 2016

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов е добитник на годинашната меѓународна награда „Иса бег Исаковиќ, што Босна и Херцеговина секоја година ја доделува на европски државници.

„Оваа награда ја примам како признание за Република Македонија и за македонските граѓани. Ова признание е особено значајно бидејќи е посветено на голем визионер кој зад себе оставил трајни материјални и духовни мостови на мир, соживот и соработка“, истакна претседателот претседателот Иванов по добивањето на наградата, што синоќа му беше врачена во Националниот театар во Сараево.

Обраќајќи се пред присутните гости, меѓу кои и голем број амбасадори, Иванов, рече дека современи продолжувачи на делото на Иса бег Исаковиќ се поединците и организациите кои се вклучени во изградбата на Балканот како дел од отворениот европски простор.

„Оваа главна задача првенствено им припаѓа на лидерите на балканските држави кои се веќе дел од Европската унија. Тие, а и сите ние заедно, имаме споделена одговорност кон нашиот регион кому му го должиме нашиот идентитет, култура и нашата посебност“, рече Иванов.

Според него, таа споделена одговорност се состои во негување на врската што ја воспоставиле визионерите од минатото. – Да останеме верни на нивниот градителски дух. Да инвестираме во современите друмови, карван-сараи и чаршии, односно во патната и железничката инфраструктура, во трговската размена и во економската соработка. Преку дијалог да ја градиме меѓусебната доверба, истакна претседателот Иванов.

Тој посочи дека како регион имаме се што ни е потребно – ресурси, традиција, креативни луѓе. Единствено што ни треба, рече, е одговорно лидерство.

„На нашиот регион му се потребни повеќе одговорни лидери кои ќе ги надминуваат тесните етнички, религиски и идеолошки рамки и ќе го градат и реформираат нашиот регион со дијалог, помирување и доверба,“ нагласи македонскиот претседател во обраќањето по повод добивањето на наградата „Иса бег Исаковиќ”.

Во образложението за номинацијата на претседателот Иванов за оваа награда е наведено дека таа е белег на неговата искрена поддршка за БиХ во процесот на евроатланските интеграции, за мирољубивата политика што ја води во регионот, но и поради силните културни врски меѓу двете пријателски земји.

Претседавачот со Комитетот за доделување на меѓународната награда академик Вјекослав Герц истакна дека наградата на претседателот Иванов му е доделена како признание за извонреден државник, човек кој е европеец, космополит и кој има исклучителна духовна ширина.

„Тој многу придонесе за европската култура и воедно е интелектуалец во смисла како што беа Волтер, Емил Зола, Виктор Иго. Освен тоа, по ширината на својот дух и својот интелект и делување, потсетува на големите државници интелектуалци, како што беа Жорж Клемансо, Вацлав Хавел. Според тоа, тој зазема посебно место, бидејќи нас не врзува и заедничка историја“, истакна Герц.

Комитетот во образложението на својата одлука, во однос на лауреатот Иванов истакнува дека станува збор за хуманист, доктор на правни науки, чиј целокупен опус е насочен на изградба на демократијата во поделените општества. „Претседателот Иванов веќе со години е еден од најагилните лидери во однос на регионалната соработка и помирување“, истакнуваат членовите на Комитетот.

Доделувањето на наградата беше проследено со концерт на Македонската филхармонија, а целиот настан беше директно пренесуван на Босанската државна телевизија.

Претседателот Иванов ја доби наградата за 2016 година, со освоени 15 гласови, во конкуренција на поранешниот турски премиер Ахмет Давутоглу и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, кои имаат по пет гласа.

Гласањето е јавно, а го спроведува Комитетот за доделување на меѓународната награда „Иса бег Исаковиќ, кој претставува независно тело кое раководи со процесот на изборот на лауреатот. Членовите на Комитетот, вкупно 25, се угледни претставници на босанско-херцеговската академска заедница, со меѓународна репутација.

Меѓународната награда „Иса бег Исаковиќ” е најзначајно независно граѓанско признание во БиХ, воспоставена во 2005 година со цел меѓународна промоција на Сараево и Босна и Херцеговина, нејзината култура и разновидна етнонационална структура.

Наградата го носи името на основачот на Сараево, Иса бег Исаковиќ, кој во 1462 година го втемелил градот на приципите на еднаквост, мултикултуралност и мултирелигиозност.

Добитници на оваа награда се турскиот претседател Реџет Таип Ердоган во 2012 година, австрискиот претседател Хајнц Фишер во 2013 година, словенечкиот претседател Борут Пахор во 2014 година и хрватскиот претседател Колинда Грабар Китаровиќ во 2015 година.

isa_beg_3