ОО на СДСМ Охрид испрати соопштение до медиумите, во кое стои:
„Деновиве во образовниот систем на Општина Охрид се случи уште една тешка манипулација од страна на надлежните лица, само уште една во низата од многуте во последните 9 месеци, со која уште еднаш се покажа безидејноста, неподготвеноста и неспособноста на локалната власт од ВМРО- ДПМНЕ да ги менаџира потребите на учениците во училиштата. За да биде прекинат по секоја цена оправданиот бојкот на наставата во нас. Рача, што настана како последица на „генијалната“ идеја во еден клас заедно да учат ученици од прво и петто оддление, надлежните лица се дрзнаа да им ветат на родителите од засегнатите првачиња дека проблемот со недостиг од наставен кадар ќе го решат со ангажман на наставник од страна на локалната самоуправа. Без согласност за вработување од Министерството за образование и наука, како и од Минисерството за финансии, доколку се работи за ново финансирање, ниту едно училиште во Македонија не може да вработи наставен кадар.
Затоа, ОО на СДСМ Охрид прашува: Зошто локалната власт и директорката на ОУ „Григор Прличев“ Охрид упорно ги лажат и манипулираат родителите од подрачното училиште во нас. Рача? Според кои законски одредби ќе биде вработен наставник во тоа училиште од страна на локалната самоуправа? Како тој наставник ќе ја изведува наставата, кој ќе се потпишува во одделенскиот дневник и кој ќе ги потпишува свидетелствата на крајот од учебната година?
Согласност за вработувања сите училишта бараат пред почетокот на секоја учебна година од надлежното министерство. Нејасно е зошто ОУ „Григор Прличев“, доколку побарало таква согласност за паралелката во нас. Рача, не ја добило од министерството, имајќи го во предвид фактот што сега и централната и локалната власт во Охрид се во рацете на ВМРО-ДПМНЕ. Ова е само уште еден пример за тешките и несогледиви последици од самоволието на ВМРО- ДПМНЕ, кога во еден ден, пред почетокот на оваа учебна година, повеќе од 60 стручни и обучени наставници беа целосно неоправдано отстранети од воспитно-образовниот систем во општината, само поради политички реваншизам. ОО на СДСМ Охрид ги повикува инспекторите од просветниот и трудовиот инспекторат да им помогнат на родителите во нас. Рача и да го соречат самоволието на локалната власт и раководството на училиштето, за да не се случи учениците на крајот од оваа учебна година да добијат незаконски и нелегални свидетелства. А надлежните во ВМРО- ДПМНЕ треба да знаат дека со скапи реклами не се решаваат проблемите во образованието, како што не се решаваат ни со партиски директиви, ниту со декларативно изразување на наводна загриженост. Подобро би било надлежните лица од ВМРО- ДПМНЕ од Општина Охрид да излезат на терен, да ги посетат училиштата и да се уверат во нередот и хаосот што тие сами го направија во последните 9 месеци, откако дојдоа на власт. Недозволиво и срамно е и понатаму да се игнорираат потребите на учениците и нивните родители од страна на ВМРО- ДПМНЕ во Охрид, покажувајќи исклучиво партиско самоволие наспроти реалните проблеми во општината во сферата на образованието.“ – стои во соопштението од ОО на СДСМ Охрид.