Македонија ќе добие Државна кардиохирургија

Владата на последната седница донесе одлука за основање Јавна здравствена установа Универзитетска клиника за државна кардиохирургија. Во наредниот месец и пол, два, можеби два и пол месеци се планира да се направат сите подготвителни работи за отпочнување со работа на Државната кардиохирургија и изведување на првата кардиохирушка интервенција во новооснованата ЈЗУ.

Ова на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров кој рече дека првпат по 50 години Владата основа  Државна кардиохирургија, со што се решава повеќедецениски проблем кој претставува еден од националните медицински приоритети.

Тој рече дека Државната кардиохирургија прво ќе биде сместена во објектот на Хируршки клиники (каде се изведуваат неонатални кардиохирушки интервенции) се додека не заврши реализацијата на тендерот и градежните работи за реконструкција на Клиниката за кардиологија каде потоа ќе биде сместена таа јавна здравствена установа.

Посочи дека распишан е тендерот за реконструкција и адаптација на просторот во Универзитетската клиника за кардиологија каде ќе биде сместена Универзитетска клиника за државна кардиохирургија.

„За оваа намена се одвоени 43 милиони денари од буџетот на Министерството. Станува збор за простор од 600 метри квадратни, кој ќе се состои од приемен дел, амбулантен дел, стационар со шест легла, оперативен блок со две операциски сали со субстерилизација и рикавери, како и интензивна нега со седум кревети. Рокот за извршување на работите е 60 дена од денот на склучување на договорот. Очекуваме договорот да биде склучен во период од 40 дена“, рече Тодоров.

Тој потенцира дека за потребите на оваа ЈЗУ распишан е и тендер за набавка на потребна опрема за вршење на кардиохирушка дејност со што ќе биде обезбедена најсовремена апаратура како што се машина за екстракорпорална циркулација, гасен анализатор, апарат за мерење на коагулација на крв во тек на операција на отворено срце, посебни хирушки очила со ладно светло, грејачи за крвни продукти, апарати за торакална дренажа, ларингоскопски сетови, фрижидери за чување крв и крвни продукти, фибер бронхоскоп со извор на светло за операциска сала, инфузори, перфузори и друга опрема која е неопходна за работа на интензивната нега и за работа на Државната кардиохирургија.

„Вкупната проценета вредност на набавката на опремата изнесува 106 милиони денари. Вкупниот износ е 150 милиони денари за реконструкција и адаптација на 600 метри квадратен простор и за набавка на најсовремена медицинска опрема за кардиохирургија. Во Државната кардихиругија ќе работи тим од кардиохирурзи, анестезиолози и друг медицински кадар, кои првпат во јавното здравство ќе вршат дијагноза, кардиохируршки интервенции, пред и пост-оперативна нега на возрасни со срцеви заболувања“, рече Тодоров.

Актуелните епидемиолошки податоци поврзани со стапката на морбидитет и морталитет, како и показателите за сериозноста на кардиоваскуларните заболувања, појасни министерот, ја потврдуваат потребата од основање Државна кардиохирургија.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека в.д. директор е веќе поставен, а тоа е економскиот директор на Торако-васкуларна хирургија, Билјана Теофилова.

„Наместо да имаме две институции каде се изведуваат кардиохируршки интервенции, ќе имаме три, од кои едната ќе биде Државната кардиохиругија. Пациентот ќе мора да избира каде сака да се изведе кардиохируршката интервенција. Тимот, кој ќе го претставиме во наредните денови, ќе биде составен од тројца кардиохирурзи, анестезиолози, перфузионисти, сестри и целиот кадар што е потребен“, додаде Тодоров одговарајќи на новинарско прашање.