Општина: Сите свои активности и акти, Локалната ги темели врз законските одредби и врз принципот за добро владеење

Во врска со соопштението од ОО на СДСМ Охрид, во кое Локалната беше обвинета за политички реваншизам, Општина Охрид излезе со реакција, во која стои:

„Локалната власт во Општина Охрид, сите свои активности и акти ги темели врз законските одредби и врз принципот за добро владеење, а се во служба и интерес на граѓаните на Охрид. И последното оценување на вработените во општинската администрација е направено врз законска основа, почитувајќи ги принципите на правичност и оценување според учинок. За нас, сите вработени се еднакви во своите права и обврски, за разлика од времето кога со Охрид раководеше СДСМ, а високите оценки беа резервирани за повластени лица. Дали тоа значи дека СДСМ практикувал партиски клуч и делење на највисоки оценки на своите партиски војници?! кои претходно по истиот партиски клуч биле вработувани во локалната самоуправа! Како тоа, ако во претходниот период вработените биле оценувани со највисоки оценки – што значи дека одлично си ја вршеле работата, општината се задолжила со над 33 милиони евра?!

Зла крв и деградација на администрацијата се случуваше во мандатот на претходниот градоначалник од редовите на СДСМ, кога вработените беа водени по митинзи и им беа упатувани закани со отказни решенија, ако не бидат присутни на уличната демократија што тогаш ја практикуваше СДСМ. Зла крв се и ваквите полуписмени соопштенија, без да се консултираат законските одредби и реалните потреби на граѓаните. Како што и претходно истакнавме, Општина Охрид ќе продолжи со реформските зафати за ефикасна администрација и покрај ваквите неиздржани соопштенија кои немаат никаква потврда во реалноста и единствено служат за одржување на политичкиот живот на СДСМ, потонат во својата безидејност до целосно политичко непрепознавање“. – стои во реакцијата од Општина Охрид.