Голем интерес за бесплатна бањска рекреација, проектот продолжува

Интересот за проектот бесплатна бањско климатска рекреација на прензионерите кој продолжува и годинава е голем. Обезбедени се средства за 5.500 пензионери, кои можат да се пријавуваат до 14 февруари, изјави премиерот Никола Груевски.

Продолжувањето на проектот, рече, е резултат на фактот што тој се покажал како мошне успешен и за него имало голем интерес во изминатите години.

„Во изминатите години интересот беше огромен. За годинава се обезбедни средства за 5.500  пензионери да отидат на бања бесплатно, бидејќи трошоците ги покрива државата. Огласот е веќе објавен, трае до 14 февруари. Исто како и минатите години, и годинава овој проект е успешен и за него има голем интерес од пензионерите“, истакна Груевски.

Тој додаде дека при неговите посети на објектите за бањско-климатска рекреација каде пензионерите го користат ова право, забележал оти тие се многу задоволни и речиси да немале замерки.

„Тие беа задоволни од можноста што можат да посетат бања. Некои од нив претходно воопшто немале можност тоа да го направат. Овој проект продолжува и натаму. Сите што се заинтересирани можат да се пријават до 14 февруари. Интересот е огромен и се надевам дека годинава ќе продолжи со иста динамика и успешност како и претходните години“, рече премиерот.

Досега ова право го искористиле околу 20 илјади пензионери.