На прес-конференција, портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев соопшти дека Владата на РМ ја донесе Програмата за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата за 2014 година.
Вкупно средства за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата за 2014 година изнесуваат 90 000 000 денари, или 1,5 милиони евра. Со овие средства со кои ќе се финансираат мерки и активности во оваа област не само што ќе се подобрат условите за стопанските субјекти кои функционираат во оваа област за раст на нивниот бизнис и отворање на нови работни места и ќе се подобрат можностите на граѓаните, туку и се придонесува во унапредување на природната средина.
Генерално, целата програма се состои од повеќе мерки кои се групирани во две поголеми подгрупи, и тоа за рибарство за која се издвоени 21 600 000 денари, и за аквакултура која ќе биде финансирана со 64 000 000 денари.
Прво, предвидената финансиска поддршка во рибарството ќе се реализира преку предложените мерки кои се однесуваат на порибување на риболовните води, изградба на риболовни пунктови, изградба на мандри за лов на риба и рехабилитација на риболовните води вклучително и мрестилишта.
Во областа на рибарството како што рече Ѓорѓиев, значајно е да се истакне дека оваа година за порибување на Охридското Езеро со пастрмка се издвоени 13 000 000 денари, двојно повеќе средства во однос на минатата година. Со континуираната поддршка во овој сектор и со новиот зголемен обем на средства кој ќе биде употребен за оваа година, врз основа на еколошки одржливи параметри, ќе се создадат услови за зголемување на дозволениот улов на охридска пастрмка за 2014 година и согласно риболовната основа за оваа година тој ќе изнесува 16 500 килограми, обем во кој се опфатени и стопанскиот и рекреативниот риболов. Овој зголемен обем на дозволен улов ќе биде од несомнено значење за стопанските субјекти кои се занимаваат со оваа дејност и за граѓаните од езерскиот регион.
Со средства од оваа програма ќе се изврши и порибување на Дојранското и Преспанското Езеро и вештачките езера Шпилје и Тиквеш, но и на останатите риболовни води и водите на кои не е доделена концесијата за риби.
Владата предвидува и финансиски средства за изградба на нови и реконструкција на постоечки мандри за враќање на традиционален начин на лов на риба на Дојранското Езеро, која ќе се реализира во соработка со единицата на локална самоуправа и концесионерите на рибите, а за која се издвоени околу еден и половина милион денари.
Покрај овие мерки се предвидуваат и средства за отстранување на мрежите кои од разни причини се останати во водите на кои се врши стопански риболов, изградба на пунктови и рехабилитација на пунктови за порибување и останати потреби.
Второ, аквакултурата ќе се финансира со 64 000 000 денари.
Основната цел на планираните мерки е зголемување на производството на риби во рибнички услови преку овозможување на искористувањето на проектираните капацитети за производството на риби во постоечките рибници и овозможување на производство на риба во новоизградени капацитети.
Средства во овој дел се наменети за инвестиции во подигнување, изградба и проширување, реконструкција, адаптација и модернизација на постоечките капацитети, за изградба на нови капацитети за преработка на рибите, како и за набавка на опрема за доработка, преработка, складирање и пакување на рибите. За инвестициите се предвидени средства во вкупен износ од 19 400 000 денари.
Покрај ова, се предвидуваат и средства за директна поддршка, кои се наменети за реализација на две мерки.
Со мерката финансиска поддршка за порибителен материјал се врши покривање на дел од трошоците за чување на рибни матици и нивна селекција. За реализација на оваа мерка се предвидени средства во вкупен износ од 30 000 000 денари. Висината на вредноста на оваа поддршка изнесува 600 денари по матица за не повеќе од 700 броја обележани полово зрели матици по одделен вид риба за видовите охридска, речна и виножитна пастрмка и поточна златовчица, за не повеќе од 300 броја од видот крап и за не повеќе од 50 броја од видовите амур, сом и толстолобик.
Во оваа година како мерка за директна поддршка се предвидуваат и финансиски средства за произведен и продаден килограм риба на пазарот. На барање на рибопризводителите се предлага да се исплати надомест за килограм произведена и продадена риба на пазарот во 2014 година и тоа за автохтоните ендемични видови риби надомест во износ од 20 денари по килограм, а за останатите видови риби кои се произведуваат во рибниците надомест во висина од 10 денари по килограм. За реализација на оваа мерка се предвидени финансиски средства во вкупен износ од 15 000 000 денари. На овој начин и со оваа континуирана поддршка ќе се овозможи продолжување на трендот на зголемување на обемот на произведена риба, кој досега во изминатите неколку години е зголемен за два и половина пати.
Со овие средства ќе се финансираат и технички потреби, пилот проекти, развој на нови пазари и промотивни кампањи и колективни мерки и други мерки и активности.
Владата очекува дека со овие средства кои претставуваат значителна поддршка во оваа област ќе се овозможи силна поддршка на стопанските субјекти од оваа стопанска сфера, ќе се отворат нови работни места и приходи за граѓаните и компаниите и позитивно ќе се влијае на природната средина.