На просторот над Градиште би требало да поаѓа главната гондола на скијачкиот центар кој треба да се изгради на планината Галичица. Според планираното предвидени се 15 километарски скијачки патеки. Со оглед на уникатноста и условите кои што ќе ги нуди овој скијачки центар со поглед на две езера тој ќе биде атрактивен за гостите и туристите од земјава и странство но и за сите кои ќе одлучат да се занимаваат со зимски спорт или да се рекреираат.
Физибилити студијата за скијачкиот центар на Галичица е изработена, истакна денес градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески информирајќи за деталите околу проектот.
„Таа физибилити студија ја изведуваше една од најреномираните куќи за градење на скијачки центри од Канада. Студијата покажа дека е изводливо да се изгради скијачки центар на Галичица . Беа посочени неколку локации за изградба на скијачки патеки од кои се избра една .Потоа се пристапи кон изработка на Мастер план, кој го изработува истата канадска фирма која согласно договорот истиот мора да го заврши до крајот на месец април годинава“, рече градоначалникот Бакрачески.
Инаку, веќе е формиран тим кој ќе работи на промоција на скијачкиот центар како и тим кој ќе ја следи целата реализација на проектот.
„Во овој момент се работи на објавување оглас за пројавување на јавен интерес во кој ќе бидат вклучени и економските промотори во Владата на Република Македонија кои што ќе го промовираат овој скијачки центар на потенцијалните инвеститори насекаде во Светов. Тој оглас ќе трае до крај на месец мај, односно почеток на јуни годинава. Во меѓувреме ќе заврши изработката на Мастер планот и веднаш после тоа би требало да биде распишан тендер за издавање под концесија на овој скијачки центар за сите кои ќе покажат интерес да инвестираат во негова модерна изградба“, потенцира градоначалникот Бакрачески.
Изградба на еден ваков скијачки центар за Охрид и за целиот регион ќе значи огромна можност за дополнителна туристичка промоција и можност за цело-годишно практикување на туризам во охридско-преспанскиот регион.