Во просториите на ОУ „Св.Климент Охридски“ – Охрид започнаа обуките за основен курс по Англиски јазик. Обуките се наменети за сите вработени од училиштето вклучувајќи го и техничкиот персонал.
„Поради учеството во повеќе меѓународни проекти како и за подобрување на квалитетот на наставата беше увидено дека вработените имаат потреба за усовршување и учење на англискиот јазик. Овој курс започна минатата недела и ќе трае се до 15 јули оваа година. Обуките се бесплатни и ги изведува професорката по Англиски јазик Марина Шокева. Целта е наставниците да стекнат знаења од англискиот јазик кои се клучни за изведувањето на квалитетна настава по сите предмети. Со стекнатото знаење сите наставници ќе можат да прибираат и користат информации од светски угледни образовни институциии, чии часови и техники се објавуваат на англиски јазик“. – рече директорот на ОУ „Св.Климент Охридски“, Јордан Пуроски.
Како што вели Пуроски, интересот за оваа обука е голем, така што сите наставници кои не го совладале англискиот јазик со големо задоволство се пријавиле да учествуваат.