Претседателските избори ќе се одржат на 13 април, соопшти денеска првиот парламентарец Трајко Вељаноски, кој согласно законот, ги распиша изборите.
„Согласно уставната обврска која ја имам како претседател на Собранието на Република Македонија и согласно роковите утврдени во Изборниот законик, денес го потпишав Решението за распишување на избор за претседател на Република Македонија. Изборот за претседател на Република Македонија се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател. Имајќи во предвид дека на 20 април е големиот христијански празник Воскресение Христово, почитувајќи ги чувствата на сите верници од христијанска вероисповед и водејќи сметка тогаш да не биде ниту првиот, ниту вториот круг, одлучив изборот за претседател на Република Македонија да биде на 13 април 2014 година“, истакна денеска претседателот на Собранието.
Решението за распишување на изборот ќе биде доставено до Државната изборна комисија на Република Македонија, како орган за спроведување на изборите, како и до Министерството за надворешни работи и Министерството за правда.
„Влегуваме во изборен процес во кој утврдените правила се прифатени и од едните и од другите, при што очекувам истите да се почитуваат, да покажеме демократска зрелост и во мирна и демократска атмосфера граѓаните да одлучат како што тие сметаат“, додаде Вељаноски , кој апелира до сите учесници најодговорно и најсовесно да се раководат исклучиво по уставните и законските одредби, и уште еднаш на најдостоинствен начин да покажеме дека наша заедничка примарна цел е просперитетот на Македонија.
Одговарајќи на новинарско прашање, рече дека како претседател на Собранието може да распише парламентарни избори доколку Собранието како институција донесе одлука за самораспуштање.
„Одлука за самораспуштање потребно е да изгласаат најмалку 62 пратеници и откако ќе се направи тоа, јас имам уставна обврска да ги распишам предвремените парламентарни избори. Во овој момент јас немам таква информација дека може тоа да се направи“, додаде Вељаноски.
Кампањата ќе започне дваесет дена пред изборите. Политичките партиите во Македонија се’ уште не ги откриваат своите кандидати.
Решението за распишување на изборите Собранието ќе го достави до Државната изборна комисија, која, според нејзиниот претседател Никола Рилкоски, е подготвена за реализација на изборниот процес, но и за одржување на предвремени парламентарни избори.
Извор: Нетпрес