Матурантите на екстерното тестирање со просечна оценка 3.39

Просечната оценка на екстерното тестирање на матурантите од 96 средни училишта во Македонија е 3.39, соопшти денеска на прес-конференција ресорниот министер Спиро Ристовски.

Најдобри резултати постигнале матурантите од гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“-Скопје, а следни се: „Јосип Броз-Тито“-Битола, уметничкото „Лазар Личеноски“-Скопје, „Орце Николов“-Скопје и „Гоце Делчев“-Куманово на петтото место.

Списоците уште денеска ќе бидат објавени во училиштата, а од понеделник до среда учениците ќе имаат право на приговор до училишна комисија. Конечната одлука за прифатливоста на приговорите е во надлежност на Државниот испитен центар. Негативни оценки (1) има 2.596 од вкупниот број полагани тестови (41.852).

Од 21.854 средношколци во завршна (трета или четврта) година, двата предмета од екстерното не ги полагале  315 ученици, а 416 полагале еден од двата предмета. Откако ќе поминат роковите за приговори, МОН ќе одреди датум за сесија за тестирање на матурантите што оправдано отсуствувале од полагањата на 22-ри и/или 24 јануари. Ќе бидат тестирани по други предмети, а не по оние за кои биле распоредени за полагањето во јануари. И овојпат ќе бидат достапни сите можни прашања за предметите што ги учат и, повторно, двата по кои ќе бидат тестирани ќе ги знаат три дена пред полагањето.

„Исклучително сум задоволен од текот на имплементацијата на екстерното тестирање на учениците од завршните години во средните училишта. Нашиот следен предизвик е спроведувањето на екстерното тестирање на крајот на учебната година за сите други ученици. Посветени сме на сите услови од процедурална и техничка природа бидејќи, сепак, овој процес ќе опфати многу поголем број ученици“, рече министерот Ристовски.

Тој соопшти дека поради распишаните Претседателски избори, се одложуваат најавените 15 отсто поголеми или помали плати за јануари за наставниците со најдобри односно најслаби резултати на екстерното во 2012/2013 година. Тоа, рече министерот, за МОН е новонастаната ситуација и се должи на законска пречка – не е дозволено со Законот за спречување корупција. Одложувањето е врз основа на мислењето што МОН го добило од Државната комисија за спречување  корупција и ќе важи до завршувањето на изборите.

Министерството ја има подготвено ранг-листата на наставници кои требаше да добијат повисока или пониска плата за јануари, но не смее да ја објавува.

„Согласно со укажувањето на Антикорупциската комисија, тоа ќе мора да се реализира по завршување на изборниот процес, за да не се сфати ниту како наградување, ниту како казнување на дел од наставниците во период кога се распишани и се спроведуваат изборите“, рече Ристовски.