Клучни приоритети за Македонија се членството во НАТО и ЕУ – заменик-министерот Максути на „НАТО – студентската симулација“

Денеска во Скопје под покровителство на Евроатлантскиот Совет, Министерството за одбрана и НАТО – одделот за јавна дипломатија се одржува „НАТО – студентската симулација“ која е дел од Месецот на НАТО.

„Клучните надворешни и одбранбени приоритети на Република Македонија се членството во НАТО и ЕУ. Македонија е целосно подготвена да ги преземе обврските кои произлегуваат од членството во НАТО-Алијансата која претставува клучен столб на современата безбедносна архитектура“, рече заменик-министерот за одбрана, д-р Беким Максути на отворањето на студентската симулација.

Заменик-министерот, пред студентите, претседателот на Евроатлантскиот совет Исмет Рамадани и шефот на Канцеларијата за врски на НАТО, капетанот Румен Радев, посочи дека Македонија е инволвирана во сите НАТО механизми, со цел унапредување на капацитетите на Армијата на Република Македонија согласно НАТО стандардите. Во моментов, додаде Максути, Македонија е во 17. циклус на акциониот план за членство, а инволвирана е и во процесот за планирање – ПАРП.

Во контекст на придонесот кон мирот и безбедноста, заменик-министерот потсети дека Македонија од 2002 година во меѓународни мировни мисии учествувала со над 3800 припадници на Армијата, како и дека во моментов придонесуваме со 39 војници и офицери во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан.

Оваа симулација, заклучи заменик-министерот, претставува одлична можност за студентите кои се наши идни лидери, да ги истражат ставовите на НАТО и на земјите-членки за современите предизвици и да увидат како НАТО функционира.

„Вие сте тие кои ќе ги водат процесите во Македонија. Бидете ентузијасти, мотивирајте го и активирајте го општеството. Ширете го атлантицизмот“, им порача заменик-министерот Максути на студентите на симулацијата.

DSC_8944_resize