СДСМ: Властите на ДПМНЕ прават се со една единствена цел – блатото да се пренамени во развојно туристичка зона и да се урбанизира

Со Интегрираната студија од јануари 2012 година, студенчишкото блато е валоризирано како природен феномен и истакнато е неговото особено значење за Охридското Езеро. И во Просторниот план на Република Македонија (2000-2020) е потврдено значењето на блатото и е предвидено воспоставување на заштитено подрачје во категоријата споменик на природата. Предложеното заштитено подрачје – Студенчишко Блато, во категоријата споменик на природата, зафаќа површина од 64 ha. Од заштитеното подрачје, со студијата се предвидени: 27 ha зона за одржливо искористување, 21 ha зона за активно управување и 16 haзона на строга заштита, беше речено на денешната прес конференција на ОО на СДСМ.

„Сега дознаваме дека студијата не важи, дека одлуката на охридските советници од пред две години не важи и дека мислењата и ставовите на домашните и меѓународните експерти не важат. Во вода, или подобро речено – во блато – паднаа пригодните зборови на сите оние кои пред само една година помпезно ја  најавија резлизацијата на проектот „Заштити го блатото, сочувај го златото“. Од тој проект не бидна ништо – ни заштитен појас, ни туристичка атракција, ни мостиња и патеки за движење, ни едукативни киосци за набљудување, ниту пак резервати и хабитати за флората и фауната. Ниту еден клинец надлежните институции не заковаа на ниту една штица околу блатото, па да кажеме дека нешто започнало да се реализира. Ништо од тоа, што беше усвоено и потврдено од релевантните лица и институции, веќе не важи. Сега важат инструкциите, добиени од власта на ДПМНЕ, според кои локалната самоуправа треба да изврши ревизија на зоната на строга заштита.“– истакна портпаролот на ОО на СДСМ Охрид, Александар Кузески.

Кузески додаде дека градоначалникот Бакрачески пред новогодишните празници најавил ново документирање и анализа на состојбите со блатото, за веднаш потоа да изјави дека природно е блатото да се урбанизира, затоа што е блиску до градот.

„Сето тоа од страна на властите на ДПМНЕ се прави со една единствена цел – блатото да се пренамени во развојно туристичка зона и да се урбанизира. На тој начин, власта на ДПМНЕ прави двоен упад – ем го девастира и уништува тоа што треба да биде прогласено за споменик на природата и заштитено како значајна природна реткост, ем повторно, како во случајот со Љубаништа, Св. Наум и Плаошник, ги одзема ингеренциите на Советот на Општина Охрид и носи одлуки базирани исклучиво врз лични и ситно-партиски интереси, не почитувајќи ја волјата на охриѓани. Штетите, што на тој начин ќе му бидат нанесени на живиот свет во Студенчишта и во Охридското Езеро, ќе бидат огромни и ненадоместливи.“–  рече Кузески.

ОО на СДСМ Охрид ја повикува стручната јавност, посебно луѓето што се залагаа за промоција и реализација на пректот од пред две години, да не дозволат да бидат замолчени и игнорирани од страна на властите на ДПМНЕ и решително да го кренат својот глас против уништувањето на природно наследство.

WebOhrid