Пензионерите во март годинава ќе добијат покачување на пензиите за 600 денари. Средствата во висина од една милијарда и 800 милиони денари за оваа намена се обезбеди во Буџетот.
Ова е договорено на денешната средба на министрите за финансии и за труд и социјална политика и претставници од Сојузот на здруженија на пензионери.
„Со ова сме единствената земја, не само во регионот, туку и во Европа, која успеа во вакви тешки времиња кога се чувствуваат последиците од кризата, не само да ги заштитиме пензионерите, да не се зголемува старосната граница и редовно да се исплаќаат пензиите, туку и да извршиме зголемување на пензиите за износ кој е значителен ако се има предвид колкави се финансиите можности на државата. Смогнавме сили да направиме покачување на пензиите во следните 10 месеци и тоа ќе влезе во основицата и за следната година за кога доколку има можности се планира дополнително покачување на пензиите“, истакна на прес-конференција вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Според него, ликвидноста на Буџетот е добра и затоа ќе продолжи редовната исплата на пензиите, зголемувањето на социјалните надоместоци и сите обврски кои произлегуваат од Буџетот.
Покрај оваа мерка, вицепремиерот Ставрески напомена дека Владата им помага на пензионерите да го подобрат животниот стандард и со низа други мерки како што се намалувањето на цените на лековите, бесплатното лекување за оние со пониски пензии и бесплатниот престој во бањите.
„Ова покажува дека грижата за пензионерите како највозрасна категорија на населението која го одработила својот работен век, останува приоритет на оваа Влада“, подвлече Ставрески.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов истакна дека со зголемувањето на пензиите во март годинава просечната пензија ќе се зголеми за 62 проценти во однос на 2006 година кога просечната пензија изнесувала 7.683 денари.
„Најниската пензија во 2006 година изнесуваше 4.330 денари, а со исплатата на пензиите во март ќе изнесува 7.620 денари што е зголемување од 76 проценти, додека највисоката пензија во 2006 година изнесуваше 27.606 денари додека сега ќе изнесува 36.007 денари што значи зголемување од 30,43 проценти“, нагласи Сапсов.
Според пензионерите, ова е значајна мерка бидејќи со неа се подобрува животниот стандард.
„Ова за нас значи многу, но радува и фактот што со зголемувањето на бројот на вработени во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување се создаваат услови за редовна исплата на пензиите“, рече Драги Аргировски, претседател на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија.