14 години МСО – приказна која што нема крај

По повод 14 годишнината од функционирањето, а во пресрет на големиот православен празник Св. Трифун, во името на љубовта и виното, Младински Совет Охрид денес организираше поетско-музички рецитал „НЕДОВРШЕНА ПРИКАЗНА“.

Пред присутните се обрати долгогодишниот член, волонтер и младински активист Вахид Мемед, кој рече дека денес е посебно горд, возбуден и среќен, бидејќи ја има честа и задоволството да зборува како млад човек, кој практично пораснал меѓу тимот на МСО, како што рече неговото второ семејство, за 14 годишната работа, труд и заложба на институцијата Младински Совет Охрид.

„14 годишната прикаска во која живеам јас и сите останати со МСО е недовршена приказна која што нема крај. Мојата прикаска со МСО започна токму пред 14 години, вклучувајќи се во нивните активности кои се реализираа во моето училиште. Бројни предавања, трибини и директни средби со нас учениците, направија мојот интерес за нивната работа да продолжи и во средношколските денови кога и желбата активно да се вклучам во нивната работа беше преголема. Станав активен член на МСО, а со тоа започна прекрасната реалност, моментот кога започнав да растам и созревам како личност која го гради сопствениот идентитет, преку идентитетот на другите. Секојдневно среќавајќи се со различни проекти, гледајќи голем број на иницијативи, правејќи најразлични истражувања МСО стана мое секојдневие“. – рече во своето обраќање Вахид Мемед.

Мемед ја искористи приликата од негово име и од името на младите кои секојдневно поминуваат низ вратите на МСО, да се заблагодари на целиот тим за прекрасната 14-годишна прикаска која трае, за дружењето и за живеењето како едно семејство, за искуството, контактите и знаењето стекнато од МСО.

„Прикаската за Младинскиот совет Охрид започна од мислите на луѓето кои се денес со нас, но и на многу други кои својата иднина ја зачнале токму овде. Тие, гледајќи ги состојбите, сакале промени, а со тоа го трасирале патот на успехот и победата. МСО секогаш ќе биде мојата водилка кон патот на успехот, не само во невладиниот сектор, туку и низ животот. Јас многу добив и научив од МСО. Вклучете се и Вие во нашето семејство МСО. Направете нашата прикаска да биде навистина незавршена… да трае и да трае“. – додаде Мемед.

Во рециталот учество зедоа членовите на литературниот клуб „ПОЕМА“ хористите при градскиот хор, членовите на танцовиот клуб и балетско студио „СОНАТА“, како и ученици од музичкото училиште „Методи Патчев“.

Инаку, настанот се оддржа во изложбениот салон во центарот за култура „Григор Прличев“.

WebOhrid