Нови санитарни јазли и енергетски ефикасна фасада во ОУ „Живко Чинго“ Велгошти

Во рамки на работната посета во Охридско струшкиот регион, министерот Спиро Ристовски, заедно со секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески на лице место согледуваа до каде се започнатите градежните активности околу санација на санитарните јазли во Основното училиште „Живко Чинго“ како и реконструкцијата на фасадниот дел од училиштето.

„На крајот на  месец март или  почетокот на април  Основното училиште „Живко Чинго“ ќе добие комплетно нови санитарни јазли  и енергетска ефикасна фасада“, истакна Министерот  Ристовски.

Министерството за образование веќе има издвоено 6 милиони денари за реконструкција на кровот и на санитарните јазли во  Основното Училиште „Кочо Рацин“ во населбата Радојца Новичиќ. Процесот на реконструкција ќе започне ова лето со оглед на тоа што истиот не може да се реализира во период кога се одвива училишната настава.