Универзитетот „Св.Апостол Павле“ ќе биде сместен во реконструираните објекти од касарната

За година или најдоцна за година и шест месеци, Државниот Универзитет „Св. Апостол Павле“ ќе биде преместен на  делот од просторот од охридската касарна што од Министерството за одбрана  беше предадено во сопственост на министерството за образование .  Првата фаза за реконструкција и санација на објектите од касарната во кои ќе биде сместен факултетот за информатички науки и технологии   започнуваат наредниве денови, најави министерот за Образование Спиро Ристовски, кој беше во еднодневна работна посета на Охрид и на терен согледуваше до каде се реализирани проектите кои во делот на образованието а во соработка со Општина Охрид ги предвидела македонската Влада.

„Значи на овој простор очекуваме да никне универзитетски кампус. Сегашните објекти на касарната целосно ќе се адаптираат за потребите на универзитетот Св. Апостол Павле. Тука ќе бидат: Ректорската управна зграда, два големи сместувачки капацитети и амфитеатарски простор во рамки на кој што ќе се реализираат предавањата“, – објасни министерот Ристовски.

Градоначалникот Никола Бакрачески се заблагодари  на министерот за сите негови напори за реализација на ветените проекти и напомена дека изградбата на овој универзитетски кампус отвора широки хоризонти во делот на можностите за странски инвестиции, во делот на информатички технологии, компјутерски инженеринг  и програмирање.

„Како Локална самоуправа  заедно со Министерството за странски инвестиции  наредната недела имаме закажано состанок со канадска компанија  околу можностите за инвестирање  во објект  во кој што кој  би вработиле  околу 200 луѓе во делот на информатички технологии и компјутерски инженеринг. Заедно со министерството за образование посветено работиме на подобрување на условите за образование како и подобрување на условите за инвестирање во овој дел“, – рече градоначалникот Бакрачески.

Првичната инвестиција во првата фаза за реконструкција на објектите од касарната во кои ќе биде сместен Универзитетот „Св.Апостол Павле“ се 40 милиони денари.

Obrazovanie_kasarna_2