Субвенциите за лозарството се во целост исплатени, а според планот тече исплатата на субвенциите и за останатите гранки во земјоделство, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска одговарајќи на новинарски прашања по закројувањето на виновата лоза во Неготино по повод празникот свети Трифун.
„Во изминатиот период се исплаќаа субвенциите за лозарите. Исплатени се 386 милиони денари на 12.615 лозари. Започнаа да се исплаќаат и оние за тутун и преку 27 илјади производители на тутун веќе ги добија своите пари за субвенционирање на производството. Оние кои допрва ќе го продадат тутунот, исто така, ќе ги добијат своите субвенции. Значајно е дека околу милијарда и 200 милиони денари веќе се исплатени за субвенционирање на тутунот“,- истакна вицепремиерот.
Тој додаде дека Буџетот е во добра кондиција, дека има добра ликвидност и оти исплатата на субевнциите оди според планот. Најави дека следната недела се планира исплаќање на субвенции за овците.
„Задоволни сме, од работата на Агенцијата за финансиска поддршка и Министерството за земјоделство кои во исклучително брз рок ги извршија проверките се со цел земјоделците навреме да си ги добијат своите субвенции.“- рече Ставрески.
Вицепремиерот Ставрески, потенцира дека Владата на Република Македонија и понатаму останува на определбата да го поддржува земјоделството.