Општината Крушево престолнина на културата во 2014 година

Во врска со објавениот Конкурс на Министерството за култура за финансирање проект од национален интерес за манифестацијата „Град на културата за 2014 година“, одлучено е дека општината Крушево, со понудената програма, ги исполнува условите да биде престолнина на културата во 2014 година.

Програмата на општина Крушево содржи конкретни, квалитетни и разновидни културни содржини, а е збогатена и со традиционални фестивали и манифестации кои ќе бидат реализирани под еден белег „Град на културата 2014“. Предвидени се музички манифестации од сите жанрови, литературни читања, изложби на реномирани уметници, одбележување на значајни јубилеи на личности и дела, театарски фестивал на млади актери, концерти на духовна музика и промоции. Во програмата ќе учествуваат уметници од сите генерации.

Крушево изобилува со просторни капацитети и локации за реализација на овие настани, што ќе придонесе за нивно заживување, целосна искористеност и афирмација. Програмата ќе биде реализирана во установите, на плоштадот во централното градско подрачје, на Крушевското Езеро, на споменикот Илинден и ќе понуди културни настани низ текот на целата година.

Според комисијата, со изборот на Крушево за Град на културата за 2014 година, ќе се придонесе за унапредување на културата во овој регион, за достапност на граѓаните до културните вредности и нивно масовно користење, како и за заживување на културата на локално ниво, а ќе се поттикне културниот туризам во регионот.