Во делот на класичната корупција во текот на минатата 2013 година евидентирано е зголемување за 19% по односно на регистрираните и откриени кривични дела во оваа област од криминалот за 2012 година. Односно откриени се девет (11) дела „примање поткуп“ и за истите се пријавени 14 (15) сторители, девет (осум) дела „давање поткуп“ за кои се пријавени 26 (13) сторители, пет (две) дела „противзаконито посредување“ за кои се пријавени 13 (двајца) сторители и две дела (/) „поткуп при избори и гласање“ за кои се пријавени четворица сторители.
Во овој дел откриена е осумчлена криминална група составена од четворица судии еден од нив истражен, главен уредник, јавен обвинител, адвокат и уште едно лице пријавени за кривичните дела „противзаконито посредување“, „примање поткуп“, злоупотреба на службена положба и дело од Законот за заштита на сведоци.
Во останатите случаи, за примање поткуп се пријавени осум полициски службеници, по еден директор, референт, доктор и специјализант. Пет од полициските службеници се дел од криминална група и за одреден паричен износ ја договарале маршутата за илегално пренесување на добитокот во Р Албанија, потоа тројца полициски службеници побарале и примиле поткуп во износ од 1500 денари, 300 и 900 евра, за легализирање на возило, добивање помала казна и да не изречат казна, потоа доктор и специјализант зеле 500 евра за да извршат две хирушки интеревенции, директор при спроведување на постапка за избор на најповолен понудувач за организирање на екскурзија на ученици, од туристичка агенција побарал неговиот син да оди бесплатно на екскурзијата и референтот зел 400 евра за да изготви лична карта.
Во случаите на давање поткуп, откако од страна на полициски службеници се констатирани неправилности при контрола на возила (превоз на дрва и зеленчук без документи) како и неправилности по Законот за сообраќај и гранична контрола, сторителите (еден косовски и еден германски државјанин) им понудиле поткуп во износ од 1.000 денари до 200 евра.
Понатаму, за две од делата „примање награда за противзаконито влијание“ пријавени се Јавен обвинител и вработен во Основно јавно обвинителство кои на кривично пријавено лице ветиле дека ќе посредуваат кај нивен колега кај кого бил предметот, заради издејствување на поблага казна, а за ваквото влијание во повеќе наврати земале од лицето разновидна стока во вредност од околу 120.000 денари, потоа за едно дело пријавени се пет сторители кои за износ од 300 до 3.000 денари посредувале кај повеќе доктори за издавање на лекарски уверенија на заинтересирани лица кои подоцна биле користеле во постапка за добивање на бугарско државјанство и во последниот случај директор на Јавно претпријатие противзаконито влијаел и ги поттикнувал членовите на Управниот одбор да донесат незаконска одлука и склучат договор за закуп со одредена фирма за што примил подарок во износ од 900 евра.
Регистрирани се и две кривични дела „поткуп при избори и гласање“, за едното дело пријавени се четири лица, помеѓу кои и еден полициски службеник а се работи за давање на поткуп на повеќе граѓани во нотарската канцеларија, со цел да гласаат за еден од кандидатите за градоначалник, чии интереси на локалните избори биле застапувани од пријавените, додека едно дело е извршено од непознат сторител.
Реализирани се и 45 (50) случаи на коруптивно злоупотребување на службената положба во кои службени лица- вкупно 106(119), со непочитување на законските и подзаконските акти во работењето за себе и други лица противправно присвоиле повеќе од 522 милиони денари(една милијарда денари) на штета на државниот Буџет, акционерски друштва и друштва со ограничена одговорност. Повеќето од овие злоупотреби се извршени од управители на фирми и директори – 28 лица, полициски службеници -17, лекари- 12 лица и други службени и одговорни лица, вработени во државни институции и приватни фирми.
Во овој дел откриена е криминална група составена од 14 лица – основачи и управители на друштва со ограничена одговорност кои злоупотребувајќи ја службената положба постапувале спротивно на Законот за управување со отпад на начин што формирале повеќе правни лица во кои како основачи запишувале лица со низок материјален статус и ги користеле за изработување на фалсификувани фактури за наводен откуп на отпадно железо притоа префрлувајќи парични средства на повеќе физички лица, што подоцна ги подигале сторителите, притоа затајувајќи даночни обврски во износ од околу 175 милиони денари.
*податоците во заградите се однесуваат на 2012 година