Царинската управа започна кампања за борба против наркотрговијата

Денес, Царинската управа започна кампања за последиците од неовластено производство, трговија и конзумирање на дрога. Кампањата стартуваше со презентација од стручни лица на Царинската управа пред учениците од СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Скопје.

Во секојдневното работење царинските службеници откриваат случаи во кои се инволвирани многу млади луѓе кои свесно или несвесно се согласиле да бидат искористени за потребите на нарко трговијата. Ова, но и фактот дека злоупотребата на дрога претставува проблем со светски размери, придонесе Царинската управа како една општестевно одговорна институција да започне кампања со што би се овозможило да се зголеми степенот на познавање на штетните последици како од конзумирање така и од криумчарење на дрога.

Целта на кампањата е да се делува превентивно и едукативно врз младата популација. Едукацијата на младите лица во оваа област ќе се реализира преку презентации на стручни лица од Царинската управа низ неколку државни средни училишта во Скопје, Битола, Куманово, Гевгелија и Штип. Покрај тоа што средношколците ќе се запознаат со последиците од конзумирање и криумчарење на дрога, пред нив ќе бидат претставени вештините и дел од опремата со кои располагаат царинските службеници, а ќе имаат можност практично да видат која е улогата на царинските кучиња при откривање на дрога.

Одлуката за целна група на оваа кампања да се изберат средношколците не е случајна. Младите луѓе се ранлива категорија со која лесно може да се манипулира, а податоците со кои располага Царинската управа говорат дека најчесто како пренесувачи на наркотични дроги и психотропни супстанции, за жал, се јавуваат млади луѓе на возраст од 14 до 30 години од најразлични националности, кои добиваат казна затвор од 3 до 10 години.

Од Царинската управа се надеваат дека оваа кампања ќе донесе позитивни резултати и значително ќе се намали трендот на вклученост на млади лица во нарко трговијата, што би претставувало мотив за понатамошно реализирање на кампањи од ваков тип.

KampanjaDroga2