Средба на премиерот Груевски со извршниот директор на ММФ, Мено Снел

Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, денеска оствари средба со извршниот директор на Меѓународниот монетарен фонд,  Мено Снел.

Соговорниците се осврнаа на повеќе теми од областа на економијата и реформските процеси кои се важни за макроекономската стабилност и економскиот напредок на државата.

Премиерот Груевски го запозна својот соговорник со реформите и мерките кои се превземаат на планот на поттикнување на инвестициските вложувања, унапредување на трговската размена, како и обезбедувањето на стабилен економски развој.

Премиерот Груевски истакна дека Владата на Република Македонија го дава максимумот на полето на обезбедување на долгогодишна макроекономска стабилност со ниска инфлација која во просек изнесува околу 2% во последните 10 години, како и обезбедување на низок буџетски дефицит.

Премиерот Груевски го запозна соговорникот и со поволниот даночен пакет кој го нуди државата во насока на привлекување на инвестиции. Тој посочи дека во делот на даночниот систем воведен е најповолен пакет на рамни и ниски даноци и се поедноставени постапките за нивно пријавување и плаќање преку реформи во даночната администрација. Данокот на добивка и персоналниот данок на доход изнесуваат само 10% што е најниско ниво во Европа, а од оданочување ја ослободивме задржаната добивка која не се распределува во дивиденди, истакна премиерот Груевски.

Премиерот Груевски изрази благодарност за соработката со ММФ, како и можноста за обезбедување на поволни кредитни линии кои овозможуваат реализација на значајни проекти кои овозможуваат развој.

Извршниот директор на ММФ,  Мено Снел ги поздрави реформите кои ги прави државата оценувајќи дека нивната реализација ја вбројуваат во редот на најамбициозните држави во регионот. Тој истакна дека е добар и плодотворен фактот што Македонија е ангажирана во насока на привлекување на инвестиции и нејзина меѓународна промоција што е значаен фактор на тој план.

Извршниот директор на ММФ, Мено Снел оцени дека Република Македонија води стабилна даночна политика и макроекономски е стабилна. Поседувањето на јасна визија, амбиција и стабилност е она што го бараат и ценат инвеститорите, додаде Снел.

Мено Снел потенцираше дека Република Македонија успева да изгради позитивна слика за реформите кои ги спроведува што допринесува за одржување на добра репутација значајна за странските инвеститори.

На крајот соговорниците изразија подготвеност за продолжување на соработката и размена на искуства кои ќе придонесат за полна реализација на реформите и економски развој.