Промовирани монографии за Пере Тошев и Апостол Петков

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, вчера присуствуваа на промоцијата на монографиите за македонските револуционери Пере Тошев и Апостол Петков како дел од едицијата „Македонски дејци“. Целта на едицијата е одблизу да ги претстави делата на триесетина македонски револуционери кои ги положиле своите животи за слободна и независна Македонија, а кои досега биле табу тема, или пак намерно изолирани од некој претходен систем на вреднување на нивните заложби.

„Издавањето на монографиите пак, фрлаат ново светло на овие значајни ликови од нашата историја, прикажувајќи многубројни досега необјавени факти и вистини за нивните животни приказни и идеолошко делување.Имињата на овие двајца револуционери се од редот на личностите за кои многу малку се знае во нашата современа држава, а кои со својот живот и дело несомнено заслужиле висок пиедестал во нашата историја“,- рече Ристовски.

Монографијата за Пере Тошев е од авторот Михајло Миновски, а Апостол Петков е на Ванчо Ѓорѓиев. Историчарот Миновски, револуционерот Пере Тошев го смести во групата на четворицата великани на Македонската револуционерна организација, Гоце Делчев, Ѓорче Петров и Даме Груев. Ѓорѓиев за Апостол Петков истакна дека е човек за кој многу малку се знаело во сопствената држава, но оти за него се пишувало во Америка, Велика Британија.

Директорот на Државниот архив Зоран Тодоровски рече дека со објавувањето и обработката на монографиите, македонската историографија ќе добие богата продукција на историското минато на Македонскиот народ.