Во организација на Агенцијата за вработување и Центарот од Охрид, во соработка со UNDP, Министерството за труд и социјална политика и Локалната самоуправа, денеска се одржаа презентација и информативни разговори со млади невработени лица до 29 години кои активно бараат работа.
На средбата, младите невработени лица беа информирани за мерките и активностите предвидени со Оперативниот план за 2014 година, кој покрај другото ги опфаќа активните програми и мерки за вработување, мобилна апликација и отворање на инфо- клубови.
„Особено сме задоволни, што ваквата средба се одржува во општина Охрид бидејќи ние како Локалната самоуправа со нашите капацитети и стратешки определби настојуваме да помогнеме во создавање на услови за нови вработувања и намалување на бројот на невработените. Се надеваме дека реализирањето на Оперативниот план на Агенцијата за вработување за 2014 година ќе ги поттикне младите да ги користат сите современи програми и алатки за да дојдат до работно место“, – рече на средбата секретарот на општина Охрид Димитар Спасески.